ЕВН Македонија е сериозно загрижена и изненадена од последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, соопшти компанијата. 

-ЕВН Македонија не бараше зголемување на цената на електричната енергија, но не ни очекуваше дека ќе има толку големо намалување и тоа токму и само во делот на ЕВН со што директно се загрозува стабилноста на компанијата, но и на енергетскиот сектор во целина. Големото намалувањето на  цената за дистрибуција и снабдување, во комбинација со истовременото зголемување на цената на производството и преносот кај енергетските компании во државна сопственост, сериозно го загрозува работењето на ЕВН Македонија што значително ќе се одрази на ликвидноста на компанијата, стои во соопштението.

ЕВН Македонија неодамна го промовираше мастерпланот односно најави инвестиции во износ од повеќе од милијарда евра со цел да се обезбеди поголема сигурност и долгорочна стабилност на електро-енергетскиот систем во земјата. За жал, ваквата одлука со сигурност ќе влијае на интензитетот на планираните инвестиции и на соработката со 5.000 бизнис партнери во Македонија, додаваат од ЕВН.

-Без да ја доведеме во прашање улогата на Регулаторната комисија за енергетика, би сакале да истакнеме дека една од главните функции на регулаторното тело е да обезбеди финансиски одржлив енергетски сектор, согласно Законот за енергетика. ЕВН Македонија е принудена да ги разгледа сите можни опции со цел пронаоѓање на соодветно решение за ваквата состојба, се вели во соопштението.

OhridNews