Од ЕВН не ја коментираат изјавата на градоначалникот на Струга Зијадин Села, кој исклучувањето на улиштата во општината заради неплатен долг во овој период од годината, го нарече уцена.

-Компанитаја има ист третман кон сите потрошувачи без оглед дали се приватни фирми или институции и вината за исклучувањето не треба да се бара во ЕВН туку во неплаќањето на сметките.-велат од ЕВН. 

Градоначалникот на Охрид не сакаше да ја коментира акцијата na ЕВН за исклучување на должниците, но истакна дека општината прави напори во соработка со компанијата за надминување на проблемите кои негативно се одразија на образовниот процес во ОУ „Григор Прличев“, кое трет дена е исклучено од електромрежата.

– Ние правиме напори и ќе го решиме проблемот со ЕВН, ќе ги платиме сметките за потрошена електрична енергија и после тоа ќе следи приклучување на струја и нормално функционирање на училиштето.- изјави градоначалникот Бакрачески.

Тој истакна дека во моментов не постојат правни механизми кои ги изземаат училиштата од плаќање на електрична енергија, ниту можност да се избегне нивно исклучување од електромрежата, но и дека постојат одредени размислувања за зголемување на буџетите на образовните установи со цел тие редовно и непречено да можат да ги сервисираат своите обврски.

Поради неплатени сметки без електрична енергија се повеќе училишта во општина Струга и едно во Охрид. Без електрична енергија е и спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид која има долг од ЕВН од над 8 милиони денари. Таму вчера попладне беше привремено вклучена електричната енергија за да се одржи Регионалниот саем за вработување, а според локаланата самоуправа се очекува денеска струјата повторно да биде исклучена. Градоначалникот Бакрачески рече дека се работи на договор со кој јавното претпријатие ќе почне да ги отплаќа долговите за неплатена електрична енергија на рати, со што ќе се овозможат услови тоа повторно да биде приклучено на електромрежата.

Г.М.

Нема струја во струшките училишта, општината обвини за уцена