Група вработени од ЕВН, во градскиот парк на Струмица поставија реквизити наменети за првиот парк за миленичиња во градот. Со ова и официјално се пушти во употреба местото каде што за прв пат, сите љубители на животни ќе може да поминуваат квалитетно време со своите миленичиња. Елементите се направени од дрвени котури и гуми, за чија адаптација волонтерите на КЕЦ Струмица напорно работеа неколку денови.

„ЕВН Волонтира е проект на ЕВН кој трае повеќе од две години. Спроведени се околу 50 разновидни активности, а денес за прв пат во склоп на програмата се реализираше идеја за градење на парк за миленичиња. Човечки е да се направи добро дело, а од особена важност е да се направи добро дело за оние на кои им е неопходна човечка рака. Се надевам дека овој парк ќе им послужи на миленичињата и на жителите на Струмица и околината да се забавуваат и да уживаат во секојдневните активности.“ изјави раководителот на Корисничкиот енерго центар на Струмица, Александар Трлин.

Реализацијата на овој проект беше поддржана и од страна на општината.

ЕВН Волонтира е програма која започна во јули 2017, а до сега учесто земаа над 500 волонтери. Идејата на програмата е да се направи добро дело за заедницата со ангажирање на личен труд. Пораката која се пренесува со секоја волонтерска акција низ државата, е дека секој од нас може и е способен да создаде поубава средина за живеење, велат од ЕВН. Дел од акциите ЕВН волонтерите спроведоа и во Охрид.

OhridNews