Амбасадорот на Европската Унија Дејвид Гир денеска престојува во работна посета на Охрид за да разговара за тековните напори за зачувување на статусот на УНЕСКО „Природно и културно наследство на охридскиот регион“ што беше утврден во 1979-1980 година.

Тој, како што соопшти Делегацијата на ЕУ во земјава, ќе оствари средби со Константин Георгиески, градоначалник на Охрид, како и со претставници од Министерството за култура и од граѓанските здруженија за да разговара за загрозениот УНЕСКО статус и за конкретните чекори што треба да се преземат за зачувување на природното и културното наследство на охридскиот регион.

Амбасадорот Гир, заедно со министерот за локална самоуправа Горан Милевски и претседателот на општинската организација на Црвен крст во Охрид Сашо Точков ќе ја претстави опремата за зимско спасување што беше обезбедена во рамките на програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија што се финансира од ЕУ.

Посетата „ЕУ со ТЕБЕ“ ќе се организира во Охрид за да се нагласи важноста на заштитата на статусот на Исклучителна универзална вредност што му беше доделен на регионот од страна на УНЕСКО за неговите природни вредности и за разновидноста на културното, материјалното и духовното наследство. „ЕУ со ТЕБЕ“ вклучува теренска посета на Охрид и стариот дел од градот и средба со градоначалникот на Охрид за да се разговара за предизвиците со коишто се соочуваат засегнатите општини (Охрид, Струга и Дебрца), како и за потребата од зајакнато вклучување на заедницата, целосна посветеност на земјата и координиран пристап како на централно, така и на локално ниво, се наведува во соопштението.

OhridNews