Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори Јоханес Хан денеска престојува во еднодневна посета на Македонија, за време на која ќе оствари повеќе средби со политичките лидери, како и со претставниците на граѓанското општество и Специјалното јавно обвинителство, пренесува „Макфакс“.

Главната цел на посетата на Хан ќе биде „да се направи преглед на политичките случувања и да се дискутира за патот напред, особено во однос на организирање на предвремените парламентарни избори во декември, како и спроведувањето на Итните реформски приоритети“.

„Договорот постигнат минатото лето од страна на сите главни политички партии и поставување на датумот на изборите за овој декември е добар чекор. Сепак, ова е само почеток. Важно е дека условите на веродостојни избори се целосно исполнети и дека граѓаните можат слободно да учествуваат на истите“, изјави Хан во пресрет на посетата на Македонја.

„Сето ова е клучно за земјата да направи одржлив напредок на својот пат кон Европската унија. А, исто така, со нетрпение очекуваме да слушнеме од специјалниот обвинител за тоа како нејзината работа напредува и за предизвиците со кои таа се соочува“, додаде еврокомесарот.

OhridNews