Бриселската тројка Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн денес порача дека подготовките за предвремените парламентарни избори течат според планираното и дека нивните очекувања се дека по изборите новата влада веднаш ќе се посвети на Итните реформски приоритети и враќањето на Македонија на евроатланскиот пат.

„Сите состаноци кои ги имавме тука покажуваат дека партиите се подготвени и дека изборите може да се одржат во една атмосфера на доверба и транспарентност. Се сретнавме и со специјалната јавна обвинителка Јанева и ја потврдивме нашата поддршка за работата на оваа институција, нагласувајќи дека е важно на СЈО да не се гледа како на тело што зазема нечија страна за време на изборниот процес. Исто така слушнавме дека помеѓу партиите има дух на соработка со кои би се избегнале инцидентите за време на кампањата и имаме добра причина да веруваме дека изборите на 11-ти декември ќе бидат фер и транспарентни и дека ова ќе значи нов почеток за Македонија. По изборите е важно резултатите да бидат признаени и да се продолжи со реформите кои беа дефинирани во Пржинскиот договор, со консензус од страна на сите политички партии“, порача словенечкиот европратеник и известувач за Македонија при Европарламентот, Иво Вајгл.

Неговиот колега, европратеникот Кнут Флекенштајн, пак, додаде дека европратениците се импресионирани од страна на набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДИХР и дека се надеваат оти многу граѓани ќе излезат да гласаат на изборите. Според европратеникот Едуард Кукан, подготовките за изборите досега се добри и тој се надева дека вака ќе остане и понатаму, со што во земјата ќе се одржат фер и кредибилни избори.

„Досега сé е добро, да се надеваме дека вака ќе остане и дека ќе имаме кредибилни избори, прифатени од страна на сите политички актери.  Новата влада потоа треба веднаш ќе започне со исполнување на Итните реформски приоритети, бидејќи ова е најдобриот начин да се потврди посветеноста кон евроинтеграциите и дека конечно вашата земја ќе започне да се движи кон оваа насока“, порача Кукан.

Во заедничката изјава на тројката европарламентарци, пак, тие потенцираат дека се задоволни поради тоа што „четирите главни политички партии колективно ги разбираат и почитуваат своите обврски и истовремено ги охрабруваме да обезбедат одржување на овие избори под условите неопходни за демократско изразување на волјата на граѓаните“.

„Веруваме дека резултатите од кредбилните избори ќе бидат прифатени и граѓаните ќе дадат мандат на нова владата која треба да се фокусира на имплементација на потрените реформи со кои земјата ќе се врати на евроатланскиот пат“, потенцираат тројцата европратенции.

OhridNews
извор Макфакс