Образовен настан посветен на европските вредности, можностите што ги нуди програмата Еразмус+ и размена на добри образовни практики со кои се отвораат нови перспективи за локалното основно училиште „Страшо Пинџур“ и детската градинка „Планински цвет“ денес се одржа во Вевчани.

Настанот обедини претставници на локалната заедница, наставниот кадар, ученици, образовни институции и дипломатскиот кор. Домаќини на настанот беа директорот на ОУ „Страшо Пинџур“, Жарко Лешоски, и градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски, кои во своите поздравни обраќања ја нагласија отвореноста на Вевчани кон нови идеи, соработка и европски перспективи.

 

Еразмус+ е можност за учење, за личен развој, за запознавање со други култури и образовни средини, но и можност Вевчани и неговите вредности да ги претставиме пред Европа. Општина Вевчани ќе продолжи да ги поддржува иницијативите кои отвораат нови можности за младите, затоа што вложувањето во нивното знаење, образование и искуство е вложување во иднината на целата наша заедница, истакна Кочовски.

На настанот со свое присуство и обраќање учествуваше и евроамбасадорот Михалис Рокас, кој ја истакна важноста на програмата Еразмус+ во поврзувањето на младите и создавањето нови европски искуства.

Пред присутните се обрати и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов, која ја нагласи важноста од правењето на првиот чекор кон нови можности.

Досега вашите две установи не беа активни корисници на програмата Еразмус+, но затоа сме тука денес, за заедно да направиме прв чекор кон нови можности. Улогата на Националната агенција е да ви помогне тој чекор да биде едноставен и остварлив, од првата идеја, до првиот проект и првото Еразмус+ искуство, истакна Михајлов.

Манифестацијата беше збогатена со културно-уметничка програма во која настапи училишниот хор со изведба на „Ода на радоста“, како и Културно-уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани, кое преку автентични носии, песни и ора го претстави богатото културно наследство на крајот. Гостите имаа можност да уживаат и во дегустација на регионални традиционални јадења, подготвени од вештите раце на СОУ „Цар Самоил“ од Ресен, а беа изложени и уникатни плетени ракотворби од „Плетени приказни, дарови од природата“ од струшкото село Луково.

Вториот дел од настанот беше целосно посветен на практични примери и вмрежување. Своите искуства и добри практики од учеството во програмата Еразмус+ ги споделија претставници од ООУ „Дебрца“ од Охрид и ООУ „Ванчо Николески“ од село Лескоец, Охрид.

Настанот заврши со интерактивна Еразмус+ инфосесија и дискусија, каде претставниците на Националната агенција ги појаснија можностите и начините за аплицирање на образовните установи.

OhridNews