Минатата година беше направен значителен напредок во македонската медицина кога беше извршена првата трансплантација на срце од починат донор. По првата трансплантација на срце, направени беа осум дијагностицирања на мозочна смрт и беа извршени уште пет трансплантации на срце и 17 на бубрег. Покрај трансплантација на органи постигнат е напредог и во трансплантација на коскева срцевина од несроден дарител, направени се вкупно 35 такви трансплантации. Министерот за здравство Венко Филипче на одбележувањето на Европскиот ден на органодарителство истакна дека Македонија за прв пат има банка за коскена срцевина. Државава е дел од светскиот регистар за коскена срцевина, што значи, нашите крводарители можат да даруваат крв и кој било пациент во светот да биде соодветен примател, но и обратно.

Интензивно работевме да се зајакне системот на трансплантација на органи, што е тренд во сите развиени држави. Поради тоа пристапивме системски. Најпрво се измени програмата за трансплантација за 2019 година, се ажурираа листите на пациентите на кои им беа потребни органи-бубрезите, во делот на Клиниката за нефрологија, која со години наназад работи во оваа сфера и има долгогодишно искуство. Кога пред две години, заедно со Клиниката за кардиохирургија, започнавме со трансплантација на срце, бевме свесни дека побарувачката за срце е многу поголема од оние кои можевме да ги добиеме од починат донатор, истакна Филипче.

Паралелно на тоа се работи на  зајакнување на електронскиот систем и на ажурирање на електронските листи.  Беше воведен  електронски регистар на приоритизација врз основа на соодветни критериуми. Сето тоа доведе во екот на ковид-кризата, да биде препознаена шанса , кога за  првпат во мај, семејство се согласи да дарува срце и други органи за трансплантација со што системот дополнително беше зајакнат и надграден, рече Филипче

Препознавме дека за некои пациенти нема алтернатива и дека се дарува живот по смртта. Сè што значи трансплантација на срце и други органи, мора да значи стриктно придржување на протоколите, правење на соодветна типизација, сместување на пациентите, посебни тимови за експлантација и за трансплантација. И сакам сега да изразам благодарност и честитки до колегите кои беа вклучени во овие процеси, нагласи министерот за здравство, кој потенцира дека и покрај ковид-кризата лекарите нашле екстра ентузијазам и желба да сторат нешто што е тешко да се направи и без пандемија.

Филипче им се заблагодари на сите амбасади кои помогнале во зајакнување на системот за трансплантација на органи и коскена срцевина.

Националната координаторка за трансплантација доц. д-р Маја Мојсова Мијовска и специјалистот хематолог д-р Ирина Пановска-Ставридис изразија огромна благодарност до семејствата кои во најтешките мигови одлучиле да ги донираат органите на нивен близок починат, со што спасиле животи на други.

Ова немаше да биде можно доколку не постоеја семејства кои имаа благородна душа и безгранична човечка љубов и во најтешките моменти се одлучија и подарија живот. Ние сметаме дека тие се нашата најголема кампања и дека во суштина нивниот глас е тој кој ќе се слушне силно и ќе допре до сите вас, а најмногу до медиумите. Тие се наши партнери во ова, нашиот глас во тоа што сакавме и тоа што го направиме, истакна доц. Д-р. Маја Мојсова Мијовска.

На одбележувањето на Европскиот ден на органодарителството присуствуваа и членови на семејствата на починатите донатори, беше презентирано и видео за сето она што било сторено изминатиот период.

 

OhridNews