Европскиот парламент побара од Европската комисија да преземе правни мерки со кои ќе ги врати визите за американските граѓани, поради тоа што Вашингтон се уште не обезбедил безвизен режим за граѓаните на пет земји на ЕУ – Бугарија, Романија, Кипар, Полска и Хрватска, пренесуваат светските агенции.

Во резолуцијата којашто беше одобрена вчера, европарламентарците бараат од Комисијата да ги усвои неопходните правни мерки во следните два месеци. Граѓаните на овие пет земји-членки на ЕУ се уште не можат да влегуваат на американска територија без виза, додека пак американските граѓани можат да патуваат во сите земји-членки на ЕУ без виза.

Според механизмот за реципроцитет на визниот режим, доколку трета земја не одобри безвизен режим во период од 24 месеци по известувањето дека нема реципроцитет, тогаш Европската комисија мора да усвои посебен акт, на кој може да има приговор од страна на Парламентот и Европскиот совет, со кој ќе се суспендира безвизното патување за нејзините граѓани во период од една година.

Откако САД го доби ова известување на 12-ти април 2014-та, Европската комисија требаше да делува пред 12-ти април 2016-та, но таа се уште го нема направено тоа. Канада исто така спроведува визен режим за граѓаните на Бугарија и Романија, но најави дека тој ќе биде отстранет на 1-ви декември 2017-та година.

Во април 2014-та Европската комисија беше известена дека пет земји не го исполнуваат барањето од страна на ЕУ во однос на реципроцитет за безвизниот режим: Австралија, Брунеи, Канада, Јапонија и САД. Австралија, Брунеи и Јапонија во наредниот период ги отстранија визните побарувања за сите граѓани на ЕУ, а Канада ќе го стори истото во декември годинава.

OhridNews
извор Макфакс