Во организација на огранокот на Здружението на ветерани од одбраната и безбедноста на Република Македонија, а под покровителство на градоначалникот Јован Стојаноски, во сабота 24-ти март, во Охрид ќе се одржи „Езерска средба, Охрид -2018“.  Покрај гости од земјава, на Езерската средба се очекува да присуствуваат и претставници на сродни здруженија  од  Албанија,Бугарија и Србија.

Со нашето дружење и активности ги срушивме сите бариери кои досега постоеја, особено кога станува збор за нашите соседи. На средбата ќе се дружиме и запознаваме, ќе размениме мислења и искуства од областите кои ги покриваме, одбраната и безбедноста, какои околу и унапредување на соработката, вели претседателот на Општинската организација на ветераните од одбраната и безбедноста, Добре Вељаноски.

На денешната прес конференција поврзана со настанот, секретарот на општината, Игор Бежоски се осврна на значењето и придобивките за Општина Охрид од организирање на вакви манифестации.

Убедени сме дека со оваа манифестацијата, се отвораат нови можности за соработка и промоција на нашиот град во регионот.На „Езерската средба“, како што е најавено,  покрај ветераните од западниот дел на Република Македонија, ќе учествуваат и гости од здруженија на ветерани од Република Албанија, Република Бугарија и Република Србија. Имајќи ги во вид бенефитите од организирањето на вакви средби, градоначалникот Јован Стојаноски, ги покани да учествуваат и  градоначалниците од градовите околу Охридското и Преспанското Езеро.Тоа ќе биде можност за разговори за резултатите од досегашната, пред се прекугранична соработка, како и за нови заеднички проекти кои би биле поддржувани од европските фондови, изјави Бежоски.

„Езерски средби- Охрид 2018“  започнува  во сабота во 9 часот наутро со спортски активности  пред бараките наспроти хотел „Гарден“. Централниот настан на одбележувањето ќе биде Свечената седница што ќе се одржи во големата сала на општина Охрид со почеток во 14 часот на која е предвидено да се обрати и градоначалниот Јован  Стојаноски кој е и покровител на манифестацијата.

На свечената седница ќе бидат доделени дипломи, благодарници и признанија на соработници, гости и заслужни членови на асоцијациите на ветераните.

OhridNews