Езерската вода на потегот од Свети Наум до струшкото крајбрежје е со добар квалитет, покажуваат најновите резултати од извршените анализи врз 21 примерок на вода од Охридското езеро.

Резултатите од анализите на езерската вода во најголем број покажуваат дека водата е со добар квалитет, односно од Свети Наум до Парк е од прва класа, во градскиот дел и струшкиот дел од езерото од прва и втора класа, информираат од Центарот за јавно здравје.

Состојбата со реките кои се влеваат во Охридското езеро и понатаму е неповолна, односно водата во Коселска, Сатеска и Велгошка река е од трета класа, што значи дека не ги задоволува стандардите според законската регулатива од уредбата за класификација на водите. Проблем претставува и квалитетот на водата која излегува од пречистителната станица на колекторскиот систем кај струшкото село Враништа која е од 4 и 5 класа и не ги задоволува стандардите за испуст во реката Црн Дрим, каде квалитетот на водата после испустот е од трета класа, со што езерото се оптоварува со органска материја и отпадни води кои ги носат реките.

Од Центарот за јавно здравје информираат дека непроменета е и состојбата со селските водоводи.

И понатаму има проблем со дезинфицирањето, односно хлорирањето на водата. Во најголем број селски водоводи има недостаток од дезинфекционо средство што претставува потенцијална опасност од загадување и за поголеми последици врз здравјето на оние кои ја користат водата, вели Сашо Точков од Центарот за јавно здравје.

Од центарот информираат дека водата од Билјанини извори е со добар квалитет и најавуваат дека во текот на месец април и почетокот на мај ќе бидат вршени поинтензивни контроли на јавните градски чешми поради пообилните дождови кои се очекуваат и топењето на снегот што ќе влијае врз квалитетот и нивото на подземните води.

OhridNews