Надојдените езерски води и обилните врнежи од дожд  кои изминатиов период го зафатија охридскиот регион и предизвикаа низа поплави долж целото крајбрежје, не ја одминаа ниту охридската населбата Далјан. Во овој дел од градот, жителите од улиците „Сатеска“, „Трајче Трајчески“, „Гоце Делчев“ и „Мишо Ѓилиќ“, со овој проблем се соочуваат веќе со години.

Од надојденото езеро под вода се наоѓа речиси целото обработливо земјиште, а проблемот со атмосферските води предизвикува поплавување на индивидуалните куќи на улицата „Трајче Трајчески“, односно станбените комплекси на улицата „Сатеска“.

Во толку многу години, поплавени сме речиси при секој поинтензивен дожд. Сме менувале ламинати, паркет и дел од поќуќнината. Оваа година е исто толку страшно како и во 2010-та година. Комшиите преку цефки и пумпи се обидуваат да ја отстранат водата од домовите. Проблемот го гледаме во шахтите, кои се преполни со ѓубре и не можат целосно да ја впијат атмосферската вода.“ – вели жител од улицата „Трајче Трајчески“.

Жителите од оваа населба велат дека до сега на неколку наврати реагирале до надлежните институции за да се отстрани отпадот од канализациите, а неодамна потпишале петиција со надеж дека проблемот ќе се реши.

Не одбија, не работеле пумпите, пошто не било платено од некои граѓани. Јас ако не платам еден месец ќе ме исклучат. Неколку пати потпишувавме петиција, која ја носевме до надлежните институции. Но ништо од тоа. Писмено баравме да се исчистат шахтите од ѓубрето, поради кое не течи водата низ цевките. Толку години поминаа, а никој не се нафати да го исчисти отпадот. Имаме галерија од слики и цела документација од поплавите и настанатите штети. Но џабе е се.“ – вели еден наш сограѓанин од истата улица.


при интензивните дождови се поплавуваат гаражите на „Сатеска“

Со сличен проблем се и жителите од станбената зграда на улица „Сатеска“ број 40. Тие велат дека во текот на целата година при поинтензивните врнежи од дожд делумно поплавени, а и покрај ветувањата од политичките партии, до сега никој не го решил деценискиот проблем.

100 пати писмено се обративме до едно од јавните претпријатија. Директорите се сменија, па никој не дојде. Кога поплавите ќе надојдат, тогаш политичарите ќе дојдат и ќе ветат, а ниту еден не си останал на зборот. Немаме веќе надеж, а ова го има само во нашава земја. Па зарем личи во 21-ви век, една шахта и еден одвод да не биде исчистен од ѓубре. За еден дефект кој го имавме во 2010-та година, дури сега дојдоа и го поправија.“ – вели жител од улицата „Сатеска“.


водата во колекторскиот систем воопшто не циркулира

Дел од граѓаните се жалат и на неправилната работа на колекторот, поради тоа што шахтите кои што се наоѓаат во близина на нивните домови најчесто се преполни.

Водата во нив не циркулира и стои во место. Сите ниви и цело обработливо земјиште е поплавено. Ние како граѓани, заеднички плаќаме за колектор, но за тој правилно да работи со сите турбини.“ – вели револтиран граѓанин од населбата Далјан.

За крај нашите сограѓани кои инсистираа на анонимност,  со заеднички став дека потребно е поголемо ангажирање на надлежните институции за решавање на овие проблеми, бидејќи како што велат „далјанци“, и оваа населба е дел од Охрид.

О.Т.