Иако во новата сезона во ракометната Супер лига дозволено е присутво на публика на натпреварите, во ограничен број, претстојното Езерско дерби Струга – Охрид, кое ќе се одигра утре вечер во Струга, според најавите од организаторот, ќе мине без организирано присуство на навивачките групи „Рибари“ и „Паткари“.

Ваква одлука донел организаторот на мечот, за што бил информиран ГРК Охрид. На натпреварот ќе биде дозволено присуство на публика, но не и на навивачките групи.

Oдлукатa ги разочара навивачите од двата крајезерски града. Таа е непромислена и погрешна, велат тие.

Крајно сме разочарани и бесни од овој однос бидејќи дадовме план како може да присуствуваме и двете навивачки групи во одреден број спрема протоколите, но слух за нашите барања немаше. Единствено добивме само закани со пријави и насилно отстранување од салата доколку се појавиме на утрешниот натпревар. Спортските натпревари се за навивачите! – се посочува во соопштението на навивачката група „Рибари“.

Едно е сигурно, Езерско дерби без навивачи и со навивачи не е исто. Од друга страна, ваквата одлука по малку и чуди, бидејќи насекаде во светот има заложби за враќање на навивачите на трибините согласно прецизни планови и протоколи за заштита од Ковид 19, бидејќи без нив спорот целосно ја губи смислата.

OhridNews