Пилотот на Мекларен Мерцедес, Џенсон Батон, победи на премиерната трка за Големата награда на Австралија, која се возеше на патеката „Алберт Парк“ во Мелбурн.

Британецот до 13-та победа во кариерата дојде со извонредно возење од првиот до 58-от круг во Мелбурн. Второто место со задоцнување од две секунди го освои актуелниот првак Себастијан Фетел, кој трката ја започна од шестото место, додека Луис Хамилтон, кој стартуваше од пол-позицијата заврши на третата позиција.

„Исто како и во 2009 година. Ова е совршен почеток на сезоната, го заслуживме“, рече Батон, алудирајќи на годината кога ја освои шампионската титула.

Зад најдобрите тројца низ целта минаа Марк Вебер (Ред Бул), Фернандо Алонсо (Ферари), Камуи Кобајаши (Заубер), Кими Раиконен (Лотус Рено), Серхио Перез (Заубер), Даниеле Рикардо (Торо Росо) и Пол ди Реста (Форс Индија).

Покрај победникот Батон, кој извозе перфектна трка, одлично издание имаа и поранешните шампиони Алонсо, односно Раиконен. Алонсо стартуваше од 12-то место на крајот заврши како петти, додека Раиконен кој трката ја започна од 18-та позиција го освои седмото место.


Шампионатот во Формула 1 продолжува веќе следниот викенд кога на патеката „Сепанг“ ќе се вози Големата награда на Малезија.

“макфакс“
Ohridnews