Актуелниот шампион во Ф1, Себастијан Фетел ја продолжува својата доминација во новата сезона. Младиот Германец победи на петтата трка во годинашното првенство, Големата награда на Шпанија, која се возеше на патеката Каталуња.
До четвртата победа сезонава, вкупно 14-та во кариерата, Фетел стигна со време од 1.39.03:301 часа, една секунда зад него на целта стигна Луис Хамилтон на Мекларен Мерцедес, Џенсон Батон го комплетира успешниот викенд на Мекларен освојувајќи го третото место.
Поранешниот светски првак, Батон, до подиумот стигна благодарение на тактиката, за разлика од своите конкуренти кои во боксот влегуваа по четири пати, тој своите механичари ги посети еднаш помалку. Освојувачот на пол позицијата, Марк Вебер од Ред Бул мораше да се задоволи со четвртото место, бодови во Шпанија уште освоија Фернандо Алонсо (Ферари), тројца Германци Михаел Шумахер и Нико Розберг од Мерцедес и Ник Хајдфилд на Рено, како и пилотите на Заубер Себастијан Перез и Камуи Кобајаши.
Инаку на патеката Каталуња видлива беше доминацијата на возилата на Ред Бул и Мекларен Мерцедес, бидејќи само првите четворица трката ја завршија во ист круг.
По пет трки во Ф1 шампионатот Себастијан Фетел е лидер со 118 бодови, Хамилтон има 77, а Вебер 67. Во конкуренција на конструктори води Ред Бул со 185 бода, пред Мекларен и Ферари кои имаат 138, односно 77 бодови.
Следната шеста трка во шампионатот се вози веќе следниот викенд во Монако.
Извор:“Макфакс“.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com