Возачот на Ферари, Фернадо Алонсо победи на трката за ГН на Британија, која во рамките на годинашното првенство во Ф1 се возеше на патеката во Силверстон. Шпанецот до својата прва сезонска победа, вкупно 27 во кариерата, стигна со време од 1:28:41.196 часа.


Алонсо кој трката ја започна од третата стартна позиција, до победата стигна со одличната тактика и лошата работа на механичарите на конкурентот Себастијан Фетел. Германецот, кој е актуелен светски првак и лидер во вкупниот поредок ја освои втората позиција, а подиумот го комплетираше Марк Вебер, клубскиот колега на Фетел.

Луис Хамилтон, домашниот миленик, кој трката ја започна од десеттата позиција го освои четвртото место, откако во последните педесеттина метри ја одбрани својата позиција од Фелипе Маса, вториот возач на Ферари.

Бодови на деветтата трка во шампионатот освоија уште Розберг(Мерцедес), Перез (Заубер), Хајдфилд (Рено), Шумахер (Мерцедес) и Алгуерсуари (Торо Росо).

По девет трки Себастијан Фетел ја задржа челната позиција во генералниот пласман со 204 бодови, Марк Вебер има 124, додека Фернандо Алонсо со денешната победа се искачи на третото место. Шпанецот има вкупно 112 бодови, три повеќе од пилотите на Мекларен Мерцедес, Луис Хамилтон и Џенсон Батон.

Кај конструкторите Ред Бул има 328 бодови, Мекларен Мерцедес 218, а Ферари 164.

Следната трка во шампионатот на Ф1, десетта во сезоната, ќе се вози на 24. јули во Германија на патеката Нинбургринг.

“Макфакс“
Ohridnews