Михаел Шумахер ќе го продолжи своето заздравување од сериозните повреди на мозокот на шпанскиот остров Мајорка, јавува швајцарскиот весник „Л’Илустр“.

Според весникот, сопругата на седумкратниот Ф1 шампион, Корина Шумахер, купила куќа во ексклузивното мало гратче Андрач со 11 000 жители за 30 милиони фунти. Куќата била во сопственост на претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, со површина од над 8 000 квадратни метри.

„Можеме да потврдиме дека Михаел Шумахер ќе дојде во нашата заедница и сите сме подготвени да му посакаме добредојде“, изјави градоначалникот на Андрач, Катја Руарч.

Шумахер се повреди при пад на скијање во декември 2013 година, по што шест месеци беше во кома, пред неговото семејство во септември 2014 да го пресели во нивниот дом во Швајцарија, постојано внимавајќи на задржувањето на приватноста – зачудувачки оттогаш не е појавена ниту една фотографија од Германецот.

Не е јасно дали семејството и Шумахер ќе живеат постојано на Мајорка или местото ќе претставува само совршена локација за зимските месеци.

OhridNews