Со одлично возење на квалификациите, Бразилецот Фелипе Маса ја освои пол позицијата и ќе стартува од првиот стартен ред. Друштво во првиот стартен ред ќе му прави возачот на Мекларен, Хеики Ковалаинен.

Веднаш зад нив од вториот стартен ред како трет ќе стартува Луис Хамилтон, а актуелниот светски шампион, Кими Раиконен ќе стартува како четврти, откако во последниот летечки круг Фернандо Алонсо од Рено се најде на неговата тркачка патека.

Третиот стартен ред го сочинуваат Роберт Кубица од БМВ Заубер кој заврши како петти, а шести беше Марк Вебер од Ред Бул Рејсинг. Фернандо Алонсо беше седми, а од осмата позиција утре ќе стартува Јарно Трули на Тојота.

Деветти на утрешната трка ќе тргне Ник Хајдфелд од БМВ Заубер, а во првитре десет се најде и Дејвид Култхард од Ред Бул Рејсинг.

Г.Н. на Турција се вози на патеката Истанбул Парк. Ова ќе биде 4 Гран При, а првата трка се возеше на 21 Август 2005 година. Должината на патеката е 5,338 км и ќе се возат 58 кругови или вкупно 309,356км. Оваа трка се вози обратно од стрелките на часовникот. Патеката во Истанбул има 14 кривини од кои 8 се леви и 6 десни. Се очекува најголемата брзина да биде околу 320 км/ч.

На патеката во Истанбул најуспешен возач е Фелипе Маса со две победи во 2006 и 2007, а една победа во 2005 има и актуелниот светски шампион, Кими Раиконен кој во тоа време возеше за тимот на Мекларен Мерцедес.

Рекордот за најбрз круг го постави во 2005, Хуан Пабло Монтоја од Мекларен Мерцедес, а времето изнесува 1:24:770. Најдобро време за време на квалификациите има поставено Кими Раиконен во 2005 година исто така на Мекларен Мерцедес, а времето изнесува 1:26:797.

На утрешната трка се очекуваат над 110000 гледачи на самата патека.

Поранешни победници:

2007: Фелипе Маса (Ферари)
2006: Фелипе Маса (Ферари)
2005: Кими Раиконен (Мекларен)