Одлични резултати постигнаа охридските стрелци на овогодинешниот меѓународен турнир со воздушно оружје „Пирин 2026“, што изминатиот викенд се одржа на стрелиштето во спортската сала „Скаптопара“ во Благоевград.

Вториот натпреварувачки ден настапи имаа стрелците на пушка: Јован Баулоски од СК „Охрид“ обезбеди пласман на првата позиција за јуниори до 14 години, додека вицешампионската титула и припадна на Ива Маленко, исто така, од СК „Охрид’’ во категорија на сениорки. На седмата позиција во јуниори до 18 години се пласира Марко Трпески од СК „Охрид“, додека на истата позиција во категорија јуниорки се пласира Тамара Кичеец од ЖСК „Лихнидос“. На осмата позиција за јуниорки до 18 години се пласира Теодора Спироска од СК „Охрид“.
Третиот натпреварувачки ден, настапи имаа најдобрите стрелци со пиштол. Во категоријата јуниори до 18 години, неприкосновено најдобар беше Климент Мостро од ЖСК „Лихнидос“, додека пак вицешампионската титула и прирпадна на Иван Милевски од СК „Охрид“-двајцата со одлични резултати. Со заостанување од само два круга од третопласираната, Теодора Мицкоска не успеа да обезбеди пласман меѓу првите три позиции, па заврши како четвртопласирана со одличен резултат, за прв настап на меѓународен турнир. Нејзиниот клупски другар Никола Тодороски се пласира на петтата позиција додека пак Наталија Савеска, Стефани Савеска и Велибор Балоски од ЖСК „Лихнидос“ не успеаа да обезбедат пласман во првата половина од табелата.
Овој турнир воедно е показател за развојот на спортската форма на стрелците во изминатиот период и ќе биде еден од клучните фактори за избор на тимовите што ќе учествуваат на Меѓународниот турнир во Пловдив, Р. Бугарија кој треба да се одржи во средината на наредниот месец, вели Тина Гоџо, тренер-координатор.
OhridNews














