Една од најголемите замерки на странските туристи, дури и за Охрид е дека човечките ресурси се на многу ниско ниво, односно луѓето кои директно работат со туристите не се доволно обучени, вели проф. д-р Јован Стојаноски од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид. Оваа реномирана високообразовна институција во наредните 4 недели ќе врши обука на 100 лица кои ќе бидат вклучени во туристички дејности во регионот на Неготино. Обуката е дел од Проектот за равој на туризмот во неготинскиот крај, кој е потпомогнат од Европската унија.


– Не е битно ФТУ да учествува во проекти само како референца, туку сметаме дека овој проект доста ќе и помогне на општината Неготино во развојот на туризмот. Обуките се потребни затоа што искуствата од другите региони ни покажаа дека луѓето кои допрва треба да се инволвираат во определени туристички  дејности немаат соодветна едукација за успешно вршење туристичка дејност, рече Стојаноски.



Проектот за равој на туризмот во регионот на Неготино е дел од КАРДС програмата и се реализира во соработка со грчката општина  Агиос Гергиос, информираше, Дивна Јордановска-проект офицер. Според неа Македонија има што да понуди на странските туристи, а особен потенцијал има во алтернативниот туризам. Таа кажа дека неодамна во Неготино е отворен Музеј на виното-прв од таков вид на Балканот, но според неа потребни се повеќе содржини, но и едукација на лицата инволвирани во туризмот за привлекување странски гости.

Г. Момироски