Македонската полиција се соочува со сериозни проблеми во функционирањето кои се должат на недоволната опременост, несоодветните услови за работа и нискиот стандард, укажува Македонскиот полициски синдикат во кој членуваат околу 7500 вработени во МВР.

– Бараме зголемување на платите, опрема, униформи, нови возила за потребите на полицијата, подобрување на условите за работа, мерки за безбедност и здравје при работа. Во тек се преговори со министертвото и се надеваме дека ќе изнајдеме решение. – изјави Ацо Антовски – претседател на Македонскиот полициски синдикат.


Ацо Антовски – претседател на Македонскиот полициски синдикат

Министерот за внатрешни рабори Оливер Спасовски вели дека МВР го затекнал во многу лоша состојба, со служби без соодветна опрема, а тендер за униформи за вработените не бил распишан 10 години. Најави отворен дијалог со синдикатот истакнувајќи дека е извршена набавка на нова опрема и компјутери за повеќе полициски станици, 40 нови возила и 7500 униформи, а ќе следат и реформи во полицијата.

-Професионалноста на Македонската полиција е врвен приоритет за нас и тоа е нешто што го правиме врз основа на реформскиот процес. Декриминализацијата и департизацијата на институцијата може да придонесе да ја постигнеме целта, а тоа е полиција којашто ќе биде блиска до граѓаните и зголемена безбедност. – изјави министерот Спасовски.


Оливер Спасовски – Министер за внатрешни работи

Охрид денеска беше домаќин на полициските синдикати од регионот кои дискутираа околу иницијативата за здружување и заедничко делување во насока на подобрување на условите за работа и стандардот на полициските службеници, за што поддршка добија од Советот на европските полициски сили.


Герд Прием – генерален секретар на Советот на европски полициски сили

-Проблеми нема само на Балканот. Полицијата насекаде се соочува со идентични проблеми, потребна е поголема заштита на полициските службеници, подобри услови за работа, опрема, но пред се потребна е поголема грижа од државите за полицајците кои треба да се заштитат, особено во овој регион. – истакна Герд Прием – генерален секретар на Советот на европски полициски сили.

Инаку во спортскиот центар “Климент Колески“ во Охрид денеска започнаа 14 спортски игри на Македонската полиција кои ги отвори министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. На свеченоста Македонскиот полициски синдикат и осигурителната компанија „Триглав“ потпишаа договор со кој околу 7500 членови на синдикатот дополнително се осигуруваат од незгода при работа.

Г.М.