Директорот на Атлетико Мадрид, Мигел Анхел Хил Мартин, изјави дека поради лошата финансиска ситуација во клубот, ќе биде принуден да го продаде Радамел Фалкао. Тој призна дека за најдобриот играч на Атлетико интерес покажале четири екипи, меѓу кои се Манчестер Сити и Челзи.

„Морате да погледнете што се случуваше ова лето. Ако не изземете нас и Билбао, сите останати, за да преживеат, мораа да ги продаваат најдобрите играчи. ПСЖ, Анжи, Сити и Челзи дојдоа по Фалкао, но тој остана бидејќи го презедовме ризикот дека ќе ги реализираме уплатите кон неговиот поранешен клуб Порто“, рече Хил Мартин.

Сепак, синот на поранешниот контроверзен претседател на клубот, Хезус Хил, предвидува дека клубовите како Атлетико нема да можат да ги сочуваат своите најдобри играчи без помош од богати сопственици.

„Со доаѓањето на луѓето од Катар, Аду Даби или Русија, десет или 15 најдобри играчи во светот можат да бираат каде ќе играат. Тие ќе играат во Кина, во ПСЖ или Сити. Играчите секогаш размислуваат дека кариерата им е премногу кратка. За три години во Примера нема да играат врвни фудбалски имиња, со исклучок на Реал и Барселона“, изјави Хил Мартин чиј клуб има долгови од 350 милиони евра.

“макфакс“
Ohridnews