Македонската ракометна репрезентација со триумф над Тунис 34-30 (13-14) го започна петтото учество на светските ракометни собири.


„Црвено жолтите“ одиграа меч со осцилации, но покажаа храброст, квалитет и каратер кога најмногу требаше и со пресврт ги обезбедија првите бодови во А групата.

Првиот дел, по цели 11 изедначувања на резултатот го доби селекцијата на Тунис (14-13), иако Македонија во два наврати имаше и два погодоци предност (9-7, 10-8).

Репрезентацијата на Тунис на почетокот од вториот дел со лесни голови ја казни брзоплетоста и неефикасната игра на Македонија во нападот и ситнга до највисоки четири погодоци (21-17).


Пулените на Лино Червар, смогнаа сили, ја стабилизираа играта во нападот, го стегнаа обрачот во одбраната и со серија 5-1 го анулираа водството на Тунис за егал на семафорот 25-25.

Неколку минути се играше „гол за гол“, а на 28-28 со четири интервенции во низа Благојче Трајковски им даде крила на македонските репрезентативци кои погодуваа и обезбедија највисока предност 32-28. Таа предност беше доволна за победа која на крајот изнесуваше (34-30).


Капитенот Лазаров со 12 голови беше најпрецизен на мечот, а по седум погодија Манасков и Стоилов. Тандемот на голот од Македонија, Колев – Трајкоски искомбинираа 12 одбрани.

Во втората рунда Македонија ќе се сретне со Ангола која изгуби од Словенија.

Фото: Гол.мк
OhridNews