Фармацевтската компанија Модерна денеска објави дека ефикасноста на нејзината експериментална вакцина против коронавирусот е 94,5 проценти, а информациите се базираат на последната фаза од клиничкото тестирање.

Ова е втора американска компанија што соопшти дека разивала вакцина со висока ефикасност против Ковид-19 за само седум дена. Претходно Фајзер информираше дека ефикасноста на нивната вакцина е нешто повеќе од 90 проценти.

Освен ефикасноста, друга важна работа се издвојува кај вакцината на Модерена – не бара чување на екстремно ниски температури, туку е стабилна на температури од два до осум степени 30 дена и може да се чува на температура од минус 20 во период од шест месеци.

Вакцината на Фајзер мора да се чува на минус 70, додека руската Спутник V, која е ефикасен 92 проценти, може да се чува на минус 18 Целзиусови степени.

Модерна дојде до овие резултати врз основа на тестирање на 30.000 волонтери, а се чека уште американското регулаторно тело за здравство да дозволи употреба на вакцините.

Шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус денеска рече дека вакцината сама по себе нема да ја запре пандемијата на коронавирусот.

Вакцината ќе ги надополни другите алатки што ги имаме, нема да ги замени. Вакцината сама по себе нема да стави крај на пандемијата, рече извршниот директор Тедрос Аданом Гебрејесус.

По избувнувањето на пандемијата, повеќе од 54 милиони луѓе се заразени, а повеќе од 1,3 милиони починаа. Податоците на СЗО од саботата покажуваат дека 660.905 случаи на коронавирус се пријавени во здравствената агенција на ООН, што претставува нов скок во негативната статистика.

Гебрејесус рече дека првичното снабдување со вакцината ќе биде ограничено, при што „здравствените работници, старите лица и другите ризични популации се приоритет.“

Се надеваме дека ова ќе го намали бројот на смртни случаи и ќе им овозможи на здравствените системи да се справат, рече Гебрејесус.

Но, тој предупреди: „Ова сепак ќе остави многу простор за вирусот. Надзорот ќе мора да продолжи, луѓето ќе мора да бидат тестирани, изолирани и згрижени, контактите сепак ќе треба да се следат“.

OhridNews