Фасадите на станбените објекти во Охрид, судејќи по изгледот, се во крајно лоша состјба. Дека претставуваат константна опасност по животот на луѓето, говорат и распаднатите ѕидови на зградите, кои се изградени пред повеќе децении. Граѓаните како проблем ги посочуваат и запуштените влезови, недоволното осветлување во внатрешноста на зградите и обраснатите паркови околу нивните живеалишта.
Дел од станарите сметаат дека проблемот најчесто се јавува во зградите со „викенд-станови“.
„Сопственици на повеќето станови тука, не се охриѓани. Нив ги гледаме еднаш годишно, а некои ги немаме ниту запознаено. Едвај собираме потписи за чистење на зградата. Што можеме да направиме 5 станари, кога повеќето од пола не се тука, и не се постојани жители. Проблем се јави и пред неколку години, кога доста време чекавме да се соберат потписи за изградба на покрив. Не сакам ни да помислам колку ќе чекаме за да се собере согласност за поправка на фасадата. Колку и да викаат дека се согласни преку лето, на крајот сите ќе негодуваат. Плус тоа е скапа инвестиција, а граѓаните немаат толку пари“, ни изјави станарка од населбата Билјанини Извори.
Други граѓани сметаат дека неопходна е санација на надворешните фасади.
„Моите внуци играат пред зградата, а овие стари фасади почнуваат да се распаѓаат. Еве, пред некоја недела падна дел од фасадата кај соседите“, рече друга станарка и додаде: „Преку лето имаме толку трева и трње, што и змии ќе не изедат. На никој не му текнува да ја искоси и да се среди малото паркче. Како во џунгла да живееме.“
Повеќето заедници на сопственици на станови, имаат ангажирано компании за нивно одржување. Марија Ристеска – Гаврилова, раководител на правната служба од Урбан Солитер, ни изјави дека за инвестиционото одржување на зградите, потребна е согласност од 51 отсто од станарите на писмено со одлука. „Задолжителтно е изготвување план за одржување на објектот, а средствата треба да се издвојат од резервниот фонд на зградата. Според законот, овој фонд е наменет за инвестиционо одржување. Тој е прилично мал и се наплаќа по 1 денар од метар квадратен. Зградите постари од 15 години, може да имаат поголем резервен фонд за ваквите инвестиции. Но сепак, тоа е скапо и чини многу. За реализација на идејата, потребни се многу години“ , вели Ристеска – Гаврилова.
Охридските фасади жив контраст
Друг начин на решавање на овие проблеми се барањето инвеститор во станбениот објект.
„Доколу зградите со рамни кровови имаат маркица дека објектот може да трпи надградба, и доколку постои откуп на дворното место, може да се понуди на инвеститор. Инвеститорот, согласно договорот кој го има направено со станарите, гради апартмани на покривот од зградата. За возврат, според желбите на станарите, инвестира во изградба на фасада, лифт или варосување“, додаде Ристеска – Гаврлова.
Инаку, дел од граѓаните упатуваат апел за реновирање на фасадните ѕидови по примерот на градот Скопје. Таму од пред извесно време започната е реконструкција на фасадите на станбените објекти во централното градско подрачје, кои се финансирани од самиот град.