Неуморниот фудбалер и фајтер на теренот, Џенаро Гатузо го наследи Винченцо Монтела на клупата од Милан. Популарното „авионче“ доби отказ после ремито со Торино на домашен терен (0-0). Гатузо на клупата од Милан доаѓа од младинската екипа. Директорот на клубот, Марко Фасоне уверува дека некогашниот фудбалер на „росонерите“ нема да биде привремен тренер, туку ќе добие шанса да го покаже своето знаење.
– Искрено и од срце му се заблагодаривме на Монтела за неговиот личен и професионален допринос во Милан. Тој работеше со цело срце и доброто на екипата, но нешто не одеше како што треба и разделбата беше неизбежна. Што се однесува до Гатузо, тој не е привремен тренер туку идеално решение кој добро си ја знае улогата во Милан. – изјави директорот на клубот, Фасоне.
Причина за отказот на Монтела е лошиот учинок на „росонерите“ во Серија А. Не се одиграни ниту половина натпревари, а Милан има негатива од 18 бодови од првопласираниот Наполи и 11 поени од екипата на Рома која се наоѓа на четвртата позиција.
Исто така Фасоне истакна дека Милан нема да се засилува во зимскиот преоден рок, бидејќи има доволно фудбалери кои се` уште не се воиграни и го немаат покажано најдоброто од себе.
OhridNews