Во експозитурата на „Шпаркасе“ банка во Кичево, вчера, околу 14 часот, од страна на едно лице со закана со пиштол извршено е казнено дело „разбојништво“. Полициски службеници од полициската станица во Кичево веднаш излегле на терен и по преземени мерки за кратко време било пронајдено и приведено 34-годишно лице од струшкото село Ливада.

Лицето е затекнато со најлонска црна вреќа и со пари во рацете, црни очила,  раквици и еден пиштол. Во консултација со јавен обвинител, на местото на настанот е извршен увид. По преземените соодветни мерки и активности и извршен разговор со осомничениот утврдено е дека тој е сторител на шест кривични дела „разбојништво“,  две извршени на 12.12.2017 година и 06.02.2018 година во „Шпаркасе“ банка во Кичево, на 25.11. и 06.12.2017 година во експозитурите на „ТТК“ банка во Струга, разбојништвото извршено на  05.12.2017 година во казиното „Астра“,  како и на разбојништвото во „Силк Роуд“ банка во Охрид извршено на 30.11.2017 година.  Со извршувањето на кривичните дела пријвениот се стекнал со протиправна имотна корист од околу 1.200.000 денари, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.   

Секторот за внатрешни работи Охрид, поднесе три кривични пријава против лицето поради основано сомнение дека е сторител на шест кривични дела „разбојништво“. Кривичните пријави ги поднесоа надворешните канцеларии за криминалистички работи при полициските станици во Охрид, Струга и Кичево за сторени три казнени дела „разбојништво“ во Струга, едно во Охрид и две во Кичево.

OhridNews