Поради основано сомневање дека сторил две кривични дела „Тешка кражба“ и едно кривично дело „Кражба“ СВР Охрид, поднесе кривична пријава против З.Р.(28) од охридското село Куратица како и против Н.П.(26) од Охрид за казненото дело „Прикривање“.

Во изминативе два месеца, пријавениот, извршил повеќе кражби на подрачјето на Куратица, Лакочереј и Косел, против-правно одземајќи бакарни и месингани предмети, кои, потоа му ги предавал на второпријавениот.


При вршењето на казнените дела, З.Р. користел подесен алат со кој насилно влегувал во куќи и помошни простории, одземајќи месингани предмети, бакарни котли со различна литража, бакарни тави и други предмети од бакар. Пријавениот користел згодни прилики кога вратите не биле добро затворени и лесно влегувал во помошни простории во кои имало соѕидани казани за варење ракија, одземал бакарни котли, бакарни буриња за ладење како и други делови од казаните.
    
Со извршените кражби и тешки кражби, пријавениот, се стекнал со против-правна имотна корист од близу 100.000. денари.


    
По серијата кражби, што  З.Р.  ги изврши изминатиов период, во Куратица, Косел и Лакочереј, СВР Охрид презеде  оперативни активности, кои резултираа со негово пронаоѓање и приведување, но, и на неговиот соработник Н.П. кој одземените предмети ги продавал на повеќе места во Охрид, информираат од полицијата.
    
Со наредба од истражен Судија, извршен е претрес во домот на З.Р. при што пронајдени се мал дел од бакарните предмети, котури со околу 30 метри кабел, остатоци од електро-мотори, шрафцигери и друг алат, помала количина опојна дрога Марихуана и пет корени од растението Канабис сатива, соопшти полицијата.  Против него, СВР Охрид, досега има поднесено повеќе пријави за сторени казнени дела.


    
Во текот на минатиот месец, СВР Охрид, откри повеќе лица од Прилеп, Скопје и од Охрид, сторители на над 30 кривични дела тешка кражба во Охрид и околните места, во кои, на штета на повеќе граѓани, пријавените се стекнале со противправна имотна корист од близу 1 милион и двеста илјади денари.  

OhridNews