Поради постоење на основи на сомнение дека извршиле петнаесет кривични дела тешка кражба, СВР Охрид, поднесе кривична пријава против  Б.Т. (24) и С.Н.(22) двајцата од Охрид. Пријавените, тешките кражби ги извршиле во текот на август и септември оваа година, со употреба на арматурни клешти и друг подесен алат на подрачјето на Охрид, населбите Лагадин, Елшани, Лакочереј, Лескоец и Велгошти, со што се стекнале се со против-правна имотна корист од 270.000 денари.


Пријавените, со употреба на клешти и со физичка сила, успевале да ги разбијат сигурносните брави од влезните врати и прозори, а потоа со кршење на стаклото , влегувале во куќите, становите и деловните објекти, одземајќи пари, колонијални производи, цигари и алкохолни пијалоци, облека и обувки,  повеќе телевизори,   огнено и сигнално  оружје пиштол, моторна пила, златен и сребрен накит. На сличен начин, пријавените влегувале и во патнички моторни возила од каде одземале радио касетофони и ЦД плеери.


– По серијата кражби на двајцата пријавени, од страна на одделението за општ криминалитет ,  реализирани се повеќе оперативни активности и претрес во нивните домови. Кај прво пријавениот Б.Т. пронајдени се помала количина опојна дрога хероин, арматурни клешти и друг алат погоден за извршување кражби, како и еден дел од бесправно одземените предмети. Дополнително, во патничкото моторно возило „Опел Тигра“ кое го управувал Б.Т. пронајдени  се хебли и друг алат соодветен за кршење катинари и влезни врати, облека и други предмети, информираат од СВР- Охрид. 


По преземени криминалистичко-технички мерки, од страна на оперативците и извршено  споредување на одземените предмети, констатирано е нивно совпаѓање со трагите кои се нанесени на влезните врати од обиените објекти.

Пријавениот е познат извршител на казнени дела и наркозависник против кого и досега биле поднесувани повеќе кривични и прекршочни пријави.

OhridNews