Стручниот штаб и репрезентативците на Шпанија со голем респект го очекуваат натпреварот во Македонија во полуфиналето на Европското кошаркарско првенство што се игра во Литванија.
-Македонија е извонредно добра екипа која совлада многу силни противници на овој шампионат како Хрватска, Грција, Словенија, Литванија, а за малку не успеа против Русија. Самиот факт што оваа репрезентација е во полуфиналето говори за силината на тимот која игра феноменална одбрана и го има неверојатниот Бо Мекејлеб во своите редови. Но, ние имаме план како да ги запреме, изјави селекторот на Шпанија, Серџо Скариоло и додаде: „Во оваа фаза на шампионатот не е важно со кого се игра. Било да е Македонија, Литванија, ЛА Лејкерс, кој и да е, исто е.“
Одличната игра на Македонија која е на насловните страни на сите спортски медиуми во светот не е повеќе само сензација, пишува во коментарот на веб страната на ФИБА Европа.
-Откако го совладаа домаќинот на првенството и се специјализираа за улогата на „уништувачи на забави“, Македонија се најде со една нога во кошаркасраката стратосфера. Многу новинари ширум светот успехот на Македонија го опишаа како „сензација“, „најголемиот шок“ и сл. епитети од тој аспект, но во историјата на Европските првенства ништо не е посилно од вистината. Од перспектива на кошаркарска традиција, овие наслови можеби држат, но од перспектива на прикажаното на терен не држат. Способноста на Македонија да реди победи и пласманот во завршницата од шампионатот не изненадува никого кој ја следел Македонија одблиску. Тие го направија тоа што го направија со план, контролирајќи го темпото на игра не дозволувајќи им на противниците да постигнат многу поени. Тие се одлично водени од селекторот кој ја вади и последната капка од нивните лимитирани ресурси, имаат извонредна хемија и ментална цврстина одбивајќи да се предадат без оглед во која фаза се наоѓа натпреварот. – стои во анализата на Европската кошаркарска федерација.
Имали уште некој кој не верува во силината на Македонија. Одговорот е не. Шпанците тоа многу добро го знаат иако се апсолутни фаворити. Но свесни за големата шанса се и македонските репрезентативци. Најдобро атмосферата и одлучноста во тимот ја отслика високиот центар Предраг Самарџиски, кој на новинарско прашање како се чувствува после првата победа на тимот без Тодор Гечевски во третиот обид на шампионатот одговори: „Ова не беше нашата прва победа без Гечевски, ова беше наша прва победа за него“.
Момците веруваат, нацијата верува, светот е во исчекување на ново „чудо“, „сензација“, „шок“… како сакаат нека го наречат, само да се случи.