Фејсбук го блокира претседателот Доналд Трамп на своите платформи, вклучително и Инстаграм, на неодредено време, барем до крајот на неговиот мандат на 20 јануари, соопшти денеска Марк Закерберг.

Шокантните настани во изминатите 24 часа јасно укажуваат дека претседателот Доналд Трамп остатокот од своето време во Белата куќа има намера да го користи за поткопување на мирниот и законски трансфер на власта на неговиот наследник Џо Бајден, напиша Закерберг во статус на социјалната мрежа.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, тој додава дека ризиците поврзани со користењето на услугите на неговата компанија од страна на Трамп се преголеми.

Затоа го продолжуваме блокирањето на неговите налози на Фејсбук и Инстаграм на неодредено време, барем во следните две недели додека не е спроведен мирен трансфер на власта.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп избриша три контроверзни твита, откако компанијата Твитер го обвини за поттикнување насилство, поради што неговиот налог беше суспендиран за 12 часа.

Покрај заклучувањето на налогот, од социјалната мрежа му се заканија дека трајно ќе му биде отстранет доколку не ги избрише спорните коментари. И Твитер и Фејсбук објавија дека неговите пораки ја зголемуваат веројатноста за насилство предизвикано од неговите приврзаници во Вашингтон, објави Скај Њуз.

Членови на администрацијата и блиски соработници на Трамп поднесоа оставки или најавија оставки

Членови на администрацијата и блиски соработници на американскиот претседател Доналд Трамп поднесоа оставки или најавија оставки денеска, ден откако приврзаниците на Трамп упаднаа во зградата на Конгресот, а неговиот министер за внатрешна безбедност побара да го осуди насилството на неговите приврзаници.

Рајан Тули, главен советник на претседателот Доналд Трамп за односи со Русија, поднесе оставка денеска и се очекува повеќе членови на Советот за национална безбедност да поднесат оставка, изјави висок претставник на американската администрација.

Официјалниот претставник, кој побара да не биде именуван, исто така рече дека ветувањето на Трамп за „мирен трансфер на власта“ на новоизбраниот претседател Џо Бајден на 20 јануари делумно има за цел да запре повеќе оставки, но веројатно нема да спречи заминување на некои официјални лица.

Вршителот на должноста секретар за внатрешна безбедност, Чад Волф, денеска повика Трамп да го осуди насилството на неговите приврзаници кои се обидоа да спречат потврда на изборната победа на Бајден во Конгресот.

Видовме дека некои приврзаници на претседателот се обидуваат да ги постигнат своите политички цели со насилство. Ова е неприфатливо. Овие акти на насилство се неодбранливи и барам од претседателот и од сите избрани службеници силно да го осудат насилството што се случи вчера, нагласи Волф во изјавата, додавајќи дека не поднесува оставка.

Стефани Гришам, шеф на канцеларијата на „првата дама“ Мелани Трамп и поранешен секретар на Белата куќа за односи со медиумите, поднесе оставка вчера попладне по немирите.

OhridNews