Менаџерот на англискиот фудбалски шампион Манчестер јунајтед Сер Алекс Фергусон е прогласен за најдобар тренер а дефанзивецот на неговата шампионска екипа Немања Видиќ за најдобар играч во изминатото англиско првенство.
Овој избор во кој учествуваат фудбалски стручњаци, новинари и навивачи, го направи главниот спонзор на англиската Премиершип, компанијата „Barclays“.
За Сер Алекс Фергусон ова беше деветта титула, додека српскиот интернационалец Немања Видиќ првпат се закити со престижната титула. Инаку Видиќ претходно беше прогласен за најдобриот играч оваа година во редовите на манчестерските „црвени ѓаволи“, во изборот на соиграчите и навивачите на Манчестер јунајтед.
Во изборот на Здружението на играчите, за најдобар фудбалер е прогласен крилниот напаѓач на лондонски Тотенхем, Гарет Бејл, додека спортските новинари за најдобар играч сезонава во најсилната англиска лига го прогласија играчот за врска на Вест хем јунајтед, Скот Паркер.
“извор Макфакс“
Ohridnews