Утре со почеток од 12 часот во холот на Факултетот за туризам и угостителство Охрид ќе се одржи Фестивал на локални производи „Купувај локално“.

Фестивалот има за цел да ги презентира локалните производители на храна, рачни ракотворби и други уникатни производи кои се автентични за ова поднебје. Настанот е отворен и слободен за сите граѓани и гости кои сакаат да ја вкусат локалната храна и да уживаат во мирисот на греаното вино, заедно со луѓето чии изработки ја негуваат традицијата и чувството за постоење, информираат од Општина Охрид.

Настанот ќе го отвори градоначалникот Пецаков, а Слоу Фуд ќе има кратка презентација за значењето на локалната храна.

Оваа активност е дел од проектот „Купувај локално“ со кој се поддржуваат охридските локални производители да ги применат новите стандарди за промоција на своите производи со програмата за локален економски развој и со тоа да се доближат до купувачите и туристите, информираат од Слоу Фуд Охрид.

Организатори на настанот се Општина Охрид (Сектор за локален економски развој) и Факултетското студентско собрание на Факултетот за туризам и угостителство- Охрид.

OhridNews