– Се подготвуваме да го организираме Вториот фестивал на плашица за денот на Холандската кралица, 30-април или по повод најавеното доаѓање на странските туристи во Охрид, но за жал не ни е дозволено да изловиме барем еден тон плашица за да биде вистина тоа Фестивал на плашица, а не да биде Фестивал на плашица со печење на колбаси, изјави за OhridNews, Радован Димитриески од СРД „Св. Апостол Петар“.
Димитриески предупреди дека поради правниот вакум и неажурност на институциите 16.255 спортски риболовци немаат право да рекреираат затоа што освен на Тиквешко Езеро, на сите други водени површини предвидени за спорстки риболов се истечени концесиите.
-Тоа директно ќе го загрози рибниот фонд, затоа што надлежните институции кои се задолжени да ги штитат водените површини каде нема концесионери не можат физички да постигнат да бидат насекаде, што значи дека водите и рибниот фонд ќе бидат оставени на милост и немилост на рибокрадците, рече Димитриески.
Спортските риболовци бараат Владата веднаш да интервенира и времено да ги продолжи концесиите на водените површини до доделување на нови концесии, а доколку тоа не се случи тие најавија дека ќе организираат рибарски бунт.