Со потпишувањето на договорите меѓу нашиот партнер  “Корендон” и хотелиерите  оваа година ја продолживме туристичката сезоната  не само во Охрид и Струга, туку и во уште 4 градови во Македонија, вели   Асим Меџедович,  раководител на подружницата Фибула Ер Травел Охрид, кој до медиумите испрати податоци за остварените резултати на фирмите со кои “Фибула” има потпишано договори за соработка и специјален третман на туристите.


Како што е наведено во податоците, Галеријата на Икони, Самоиловите Тврдини и Куќата на Робевци, оваа сезона ги посетиле 1770 холандски туристи, Манастирот Св. Наум, Музејот на Вода, Заливот на Коските  3020 холандски туристи, ручек во Ресторанот “Дамар„ во Охрид имале 1770 , во ресторантот “Острово„ 3020 холандски туристи, во Охридското езеро нуркале 250 туристи, а 730 од нив го посетиле и селото Куратица каде имале можност во природен амбиент да ги вкусат традиционалните македонски јадења.

Што се однесува до Струга, од “Фибула” информираат дека Комплексот “Калишта„ го посетиле 570 холандски туристи, ручек во Ресторант “Вија Игнација„ во Вевчани имале 570 , а во традиционална македонска вечера во Хотел Дрим уживале 1080 туристи. Од “Фибула” ги наведуваат и локациите и рестораните кои холандските гости ги посетиле и во Скопје, Битола, Дебар и Демиркапија.

– Ова се податоци за услугите кои холандските туристи ги користат преку “Фибула” за време на нивиот престој во Македонија. По информациите што ги имаме добиено од сопствениците на фирмите со кои имаме потпишано договори за соработка тие се  задоволни од бројот на туристи од Холандија кои ги посетиле, изјави Меџедовиќ.


Тој потсетува дека заедно со партнерот Корендон   на почетокот од месец мај дале ветување дека во периодот од 6- ти мај до 17- ти октомври ќе донесат 8.400 туристи од Холандија.

– Во овој момент со сигурност можам да ви  потврдам дека до денес имаме донесено и опслужено   9.145 гости од Холандија, а сеуште имаме месец дена пред нас до завршувањето на операцијата. Тоа значи исполнување и на второто ветување, дека до крајот на операцијата, т.е. 17- ти октомври “Фибула Ер Травел” и  “Корендон” ќе ја надминат бројката на донесени 10.000 холандски туристи во РМ, вели Меџедовиќ.

Ваквата информација ја потврдуваат и од ХОТАМ. Оттаму ги презентираат податоците за досега реализираниот број на гости, ноќевања и промет од екстра услуги за јули и август во петте од вкупно 12- те хотели, кои се вклучени во програмата на “Фибула” и “Корендон”. Од нив се гледа дека во презентираниот период во секој од хотелите дошло до значително зголемување на бројката на гости и остварени ноќевања, споредено со јули и август минатата година.  
 
– Ги очекуваме податоците и од останатите 7 хотели кои ќе се вградат во оваа евиденција како една целина, додека на крајот на сезоната ќе биде спремена една целосна анализа за периодот од 154 дена кога беа присутни холандските туристи, вели Дончо Танески, претседателот на ХОТАМ.

Како што потенцираат Танески и Меџедовиќ, со овие податоци сакаат да ги отфрлат бројните шпекулации кои се објавуваат во дел од медиумите околу бројот на холандските туристи кои ја посетиле Македонија и користа која од нив ја имаат градовите во кои тие престојуваат.

OhridNews