Овој простор, еден од најатрактивните на охридското крајбрежје, “Фибула Ер Травел” го доби давајќи ја најповолната понуда на неодамна одржаната лицитација за купување градежно земјиште, организирана од страна на министерството за транспорт и врски.
Сеуште не е познато името на светскиот бренд кој ќе го превземе хотелскиот комплекс. Како што информираат од агенцијата, преговорите се во тек.
– Во преговори сме со неколку светски брендови, кои имаат минимум пет хотели во својот ланец. Кого ќе избереме зависи кој од нив ќе одговори на нашите барања и ќе понуди услови кои се во согласност со потребите на еден ваков комплекс и гостите кои ќе ги носеме во Охрид, вели Асим Меџедовиќ, извршен директор на “Фибула Ер Травел”.
Тој нагласи дека потребата за изградба на еден ваков луксузен комплекс произлегла од успешно склучените договори со странските тур оператори за наредните неколку години, согласно кои се очекува постојано зголемување на странските гости кои ќе престојуваат во Охрид.
– За реализација на сето тоа неопходно е во Охрид да има доволен капацитет на квалитетни соби и легла и барем еден хотелски комплекс од овој вид кој ќе биде подготвен да ги задоволи потребите на елитните туристи. Поради тоа, нашата централа во Турција се одлучи да инвестира и ги следеше сите објавени огласи за продажба на градежно земјиште за изградба на хотелски комплекси, објаснува Меџедовиќ.
Инвестицијата која се најавува како една од најголемите турски инвестиции во Македонија, е во вредност од 50- 60 милиони евра.
– Изградбата на хотелскиот комплекс значи нов поттик и импулс и за останатите хотелиери кои се во можност да реинвестираат во сопствените објекти и да фатат чекор со еден ваков хотел кој ќе биде изграден согласно сите светски стандарди и ќе има капацитет од 600 до 750 соби, односно ќе располага со од 1200 до 1500 кревети и пропратни содржини кои ги имаат ваквите комплекси низ светот. Се предвидува отварање на минимум 500 нови работни места. Тоа не само што ќе оди во прилог на туристите, туку и на самиот град и охриѓани, потенцира претседателот на ХОТАМ, Дончо Танески.
За една година „Фибула Ер Травел“ треба да достави банкарска гарација, да ги плати комуналиите и да земе одобрение за градба, а во наредните 6 години изградбата на целиот комплекс треба да биде завршена. За брендирањето на објектот предвидени се 3 месеци. Доколку не се испочитуваат роковите државата има право да го одземе земјиштето и она што е на терен без разлика во која фаза е изградбата.