Повеќе од 300 натпревари за кои постои сомнеж дека биле наместени се под истрага на Меѓународната фудбалска федерација – ФИФА, пишува британскиот весник Дејли Телеграф.

 

ФИФА се сомнева дека судиите добивале најмалку по 10.000 долари како би ги наместиле резултатите во пријателските натпревари, како и во натпревари кои биле одиграни во европските купови и националните првенства. Организаторите на ваквите „местенки“, наводно, заработиле повеќе стотици милиони долари во обложувалниците во Азија.

„Местење на натпревари сериозно го нарушува интегритетот на фудбалот. Разговорите со лицата кои биле вмешани во овој криминал ни открија дека организаторите трошеле и по 300.000 долари како би наместиле резултат на одреден натпревар“, изјавил за весникот шефот на ФИФА за безбедност, Крис Итон.

Кај вработени во најмалку шест национални сојузи постои сомнеж дека биле дел од овој вид на криминал, кој најчесто бил координиран од Малезија и Сингапур. ФИФА стравува дека на удар би можеле да бидат и светските првенства за играчи до 17 и 20 години.

Постои сомнеж дека биле наместени неколку натпревари во Лига Европа, потоа мечеви во германските и финските лиги, како и пријателски мечеви кои ги одиграле репрезентациите на Кувајт, Јордан, Боливија, Латвија, Бугарија, Естонија, Малезија и Зимбаве.

“Извор Макфакс”
Ohridnews