Без решение на спорот со името со Грција, постои опасност Македонија да заостане во целокупниот нејзин развој, порача Комесарот за проширување на Европската Унија, Штефан Филе по неговата средба, вчера, со премиерот Никола Груевски.

Оптимист е дека до крајот на годината може да се изнајде решение на спорот, но посочува дека препораката за отпочнување на пристапните преговори ќе зависи од оценката за напредокот во изминатата година.

„Во Извештајот на напредокот, што треба да биде објавен на 12-ти октомври, Европската Комисија ќе го оцени напредокот од минатата година на вашата земја во однос на задачите поврзани со проширувањето. Од 2009-та, а потоа и во 2010-та е повторена препораката на Европската Комисија за отпочнување на пристапните преговори со вашата земја. Да почекаме за повторната оценка за напредокот од минатата година за да видиме дали исто така ќе биде случај оваа година. Штом го кажав ова, не значи дека не е важно надминувањето на спорот со името. Решавањето на спорот со името создава нов политички моментум во регионот, онаков од каков што ќе има полза вашата земја, пред сè“, вели Филе.

Објаснува дека својот оптимизам за решение го темели на, како што вели, нивото на доверба што постои меѓу премиерите Никола Груевски и Јоргос Папандреу, но предупредува дека земјата може да заостане доколку не дојде до негово надминување.

“Прашањето за името останува неопходно за продлабочувањето на нашите односи. Решението ќе биде добро за земјата, за нејзините луѓе и за бизнисите. Постои важен моментум во регионот. Хрватска ги завршува преговорите, а другите земји исто така одат напред. Вашата земја заслужува да биде дел од оваа позитивна слика. Сепак, реалност е дека Европската Унија нема да го увезе проблемот за името. Ако нема решение, земјата ризикува да заостане“, рече Филе.

Еврокомесарот за проширување констатира напредок во неколку области, каде посочува дека има усогласеност со европските политики, но упатува забелешки за начинот на избор на судиите и јавните службеници, како и за слободата на медиумите.

„Сакам да кажам многу јасно – слободата на изразување, моменталните негативни трендови треба да бидат корегирани. Кога зборувам за корегирањето на негативните трендови, треба да се корегира и процесот на забавување на реформите и нивната имплементација. Во разговорите со претставниците на новата влада ја охрабрив одлучноста на владата да го насочи овој тренд во спротивна насока“, изјави Филе.

 Од своја страна, премиерот Груевски порача дека Македонија останува посветена на напорите за изнаоѓање на решение во спорот со името, кое нема да го загрози културниот идентитет на земјата.

„Нашиот пристап кон ова прашање и понатаму останува проактивен и конструктивен под покровителство на Обединетите Нации, со цел, изнаоѓање на взаемно прифатливо решение кое нема да наштети на националната, јазичната и културната самоидентификација, ниту на македонскиот народ, ниту на грчкиот народ. Ова е прашање на кое што остануваме високо фокусирани со цел да се дојде решение кое што е, се разбира, и од наш интерес“, рече Груевски.

Истовремено, еврокомесарот Филе информираше дека покрај писмото од група новинари и интелектуалци, добил и писмо од десетина невладини организации во однос на состојбите во медиумите. И двете ги оцени како важни и изрази подготвеност да разговара за овие прашања.

OhridNews
извор: „Макфакс“