Денес попладне, комесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе, во Европскиот парламент во Стразбур се очекува да го објави Специјалниот извештај за Македонија што Европската комисија го подготвуваше според заклучоците на декемврискиот Самит на Европскиот совет.

Како што објавува МИА, овој Специјален извештај нема да содржи препорака за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Со него ќе биде потврдена веќе дадената препорака од ЕК во октомврискиот редовен прогрес-извештај за земјата. Со оглед на тоа што Македонија и Бугарија се во напредна фаза од преговорите за добрососедство и се пред склучување договор, како и големото придвижување во преговорите за името со посредство на медијаторот на Обединетите нации, Метју Нимиц во Њујорк, овие две точки ќе бидат позитивно претставени, без оценки и заклучоци во овој извештај.

Во однос на ХЛАД-от, комесарот Филе при последната посета на Скопје потврди дека Македонија има најголем напредок и остварено голем број реформи (остварен видлив напредок во 48 од 53 препорачани специфични чекори) и тука освен забелешката за нивото на политичкиот дијалог во земјата, Комисијата исто така се очекува да даде најдобри резултати.
Вчера, овој извештај за Македонија беше усвоен на Колеџот на комесари на Европската комисија, додека за 22-ри овој месец во Луксембург се закажани состаноци на Советот за министри за надворепни работи (ФАК) и на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК), каде првпат шефовите на дипломатиите на 27-те земји-членки на Унијата ќе разговараат за можноста Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство на јунскиот Самит на Европскиот совет. Сето ова ќе зависи од денешниот извештај, а останува во јуни Европскиот совет по однос на заклучоците на својот последен Самит да ги отвори пристапните преговори со Македонија.

OhridNews