Чувствувам силна болка и изразувам сочувство до роднините на загинатите патници кои настрадаа во потонувањето на бродот „Илинден“, изјави пред Основниот суд  во Охрид капетанот Сотир Филевски, првообвинет за несреќата во која животот го загубија 15 бугарски туристи.

-Камо јас да загинев, а сите патници на бродот да беа живи, рече 24-годишниот заповедник на „Илинден“. Филевски и овластениот претставник на осигурителната компанија Германски Лојд се товарат за предизвикување тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Пред судот денеска се појави само првообвинетиот Филевски,  кој ги отфрли наводите од обвинението, додека на Бајиќ со одлука која ја потврди Апелацискиот суд, му се суди во отсуство.


Филевски, кој во истрагата се бранеше со молчење, пред судот истакна дека бродот „Илинден“ го купил во 2003 година од ГП „Трудбеник“ во состојба како што е до ден денес, со надградена горна палуба, на која како што рече  никогаш не му било предочено од овластени лица или институции дека не смее да превезува патници.

-Шест години со  бродот  испловувам и влегувам во пристаништето на 10 метри од Капетанијата, но никогаш не сум бил предупреден да не превезувам патници на горната палуба, посочи Филевски. Тој истакна дека бродот бил регистриран за 43 патници, а на бродот имало плочка на која пишувало носивост 60 лица. Критичниот ден на бродот имало 53 патници и два члена на екипажот.


Капетанот Филевски пред судот изјави дека редовно ја контролирал исправноста на бродот и дека тоа го направил и кобното утро кога најпрвин „Илинден“ испловил на кружна тура, по што со бугарските туристи тргнал за Св. Наум. Половина час по тргнувањето при праволиниско движење поради кинење на сајла, капетанот ја загубил контролата над кормилото, по што бродот најпрвин нагло завртел во десно, настанала паника помеѓу патниците, по што дошло до нагло свртување на пловилото во лево и тоа започнало да тоне.

-Се се случи многу брзо и за само 20 секунди бродот тонеше. Време за реакција немаше и јас со морнарот Владо Устијаноски почнавме да фрламе во вода се што плута за да ги спасиме патниците. Владо преку мобилен ги извести бродовите Кристина и Александрија за несреќата кои пловеа во непосредна близина и веднаш дојдоа на местото на настанот каде веќе беа два глисери. Лично спасив 12-13 луѓе и последен ја напуштив водата, раскажа капетанот Филевски. Тој истакна дека не му е познато зошто потона бродот, кој како што рече, за него бил исправен.

Судскиот процес за најголемата бродска несреќа во Македонија продолжува со распит на сведоци.

Бродот „Илинден“ потона на 5-ти септември 2009 година во водите на Охридското Езеро на околу 200 метри од брегот, кај авто кампот Елешец. Загинаа 15 туристи од Бугарија.

Г.М.