Министерот за здравство Венко Филипче не чувствува одговорност за да поднесе оставка која од него ја бара опозицијата.

Тој денеска во Струмица ја повика опозицијата да ја тргне политиката настрана од борбата против пандемијата со Ковид-19. Нагласи дека од почетокот на кризата целиот тим работи професионално и никогаш не се обиделе да внесат политиканство во било која од препораките и одлуките.

Ги слушаме во јавноста предлозите што ги дава опозицијата и огромен дел од нив немаат никаква медицинска логика. Сакам да им порачам да ја држат политиката настрана од ова сериозно прашање. Имаа шанса да помогнат, но за жал одмогнаа и тогаш кога требаше да се потпише заемот. Сега сите 16 ковид центри ни доцнат. Да не се случеше тогаш таа блокада од тогашната заменичка министерка за финансии, сега сите ковид центри ке беа инсталирани во целата држава, истакна Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Општата болница во Струмица.

ВМРО ДПМНЕ побара оставка од министерот за здравство Венко Филипче, обвинувајчи дека ниту тој ниту Владата не се способни да се снајдат во целата ситуација со корона вирусот, а за тоа говори и бројката на заразени и починати во земјата.

Од почетокот на пандемијата до сега има околу 26.000 лица кои се заразиле и околу 900 починати. Наместо да бараат одговорност и вината да ја бараат во граѓаните, владата и Филипче да се фатат за работа и да изготват стратегија како да се надмине целата оваа ситуација со корона вирусот. Од почетокот на пандемијата до сега немаат ниту една добра мерка донесено која вродила со некаков плод. – велат од ВМРО ДПМНЕ.

За сето ова ќе следи одговорност од Филипче. Затоа најдобро што може да направи тој е да си поднесе оставка, порачаа од ВМРО ДПМНЕ.

OhridNews