Изградбата на новото крило во специјалната билница „Св. Еразмо“ во Охрид, која како што објави „OhridNews“, е запрена од октомври минатата година, ќе продолжи, изјави министерот за здравство Венко Филипче. Тој денеска се сретна со директорите од охридските болници, по што истакна дека се разгледуваат начините како новиот блок во најкраток рок да се пушти во употреба и целосно да се опреми. Но, се уште не се знае дали тука ќе се пресели дел од Заводот за кардиологија, како што беше најавено при отпочнувањето на изградбата во 2015 година, со што не се согласува лекарскиот колегиум на оваа здравствена установа.
-Ги разгледуваме сите опции, сакаме да добиеме модерен регионален центар кој ќе ги покрие здравствените услуги на луѓето коишто живеат во овој реон на вистинско, современо, европско ниво. – изјави министерот Филипче.
Со сериозни проблеми се соочува и општата болница во Охрид каде недостасуваат специјалисти на речиси сите одделенија. Министерот информираше дека дал одобрение за нови вработувања во охридската општа болница, посочувајќи дека со ваков проблем се соочуваат и други болници во земјава, но и во регионот. Во тек се анализи врз основа на кои се изготвува план за вработување и специјализација на млади лекари, најави Филипче.
– Размислуваме на подобрување на стручната служба на ниво на примарната и секундарна здравствена заштита, за трансформирање на некој наин на здравствената нега од, во моментов силно изразен притисок по болниците, во се што може да се лекува во примарната заштита, но и во домашни услови. – појасни Филипче.
Министерот Филипче кој денеска престојува во работна посета на Охрид, во изјавата за медиумите се осврна и на проблемот со инсулинската терапија, посочувајќи дека се разгледува рамката во која ќе се движи набавката на следните количини со цел да се намали дефицитот на инсулин во државата.
Г.М.













