Кандидатот за претседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија проф. д-р Венко Филипче, вчера од Охрид и Струга ја започна кампањата за внатрепартиските избори. Филипче пред членовите на партијата ја претстави програмата за претседател преку која ветува дека СДСМ ќе биде ефикасна и функционална партиска организација која работи во интерес на членовите и граѓаните.

Јас не верувам во наметнати решенија туку инклузивни политики на менаџирање. Довербата во членството и граѓаните ќе ја вратиме со достапност, отвореност, одговорно однесување на сите партиски членови, особено на високите партиски и политички функционери, рече проф. д-р Филипче.

Со воведување внатрешни избори за позициите на претседатели на општински организации, ќе ја зголемиме довербата меѓу членовите и граѓаните, ќе ги избереме најдобрите кадри со најголема поддршка, ќе обезбедиме и ќе ја вратиме довербата на јавноста во нашата партија. Новото раководство на партијата ќе дефинира јасни насоки и правила за внатрешниот изборен процес, обезбедувајќи транспарентност и правичност, пишува во Програмата на Филипче.
OhridNews











