Владата на седницата одржана денеска донесе одлука да го зголеми времетраењето на полицискиот час во Општина Куманово. За викендот тој ќе трае од петок во 21 часот до понеделник во 05 часот утрото, додека од понеделник до петок полицискиот час во овој град ќе биде како претходно за викендите, односно од 16 до 05 часот. Ова денеска на прес конференција го соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Во останатите општини полицискиот час засега останува како и досега, од 21 – 05 ч. од понеделник до петок, односно од 16 – 05ч. во сабота и недела.

Во изминатите 24 часа во земјава регистрирани се 46 нови случаи на коронавирус од кои во Куманово – 23.

Министерот Филипче информираше дека регистриран е еден случај на заболен медицински техничар на Инфективната клиника во Скопје. Во моментов се истражува случајот, по што ќе бидат соопштени повеќе детали, истакна Филипче.