Дијагностициран е првиот случај на корона вирус во Македонија, информираше пред малку на прес конференција во Скопје министерот за здравство Венко Филипче.

Тој објасни дека на Клиниката за инфективни болести била примена пациентка родена 1970 година од Скопје, која била позитивна на тестот за корона вирус. Таа престојувала во Италија пред еден месец, од каде се вратила во Македонија со комбе.

Место за паника нема. Пациентктата била претходно третирана здравствено и во Италија, каде не била тестирана за корона вирус, а ние веруваме дека во моментот кога патувала за Македонија изминал периодот на инкубација. Но, согласно протололите ги преземаме соодветните мерки за пронаоѓање на сите сопатници на  инфицираната пациентка кои ќе бидат тестирани и ставени во изолација. – рече Филипче.

Подоцна вечерта, властите информираа дека се идентификувани соите сопатници на пациентктата со корона вирус. Петмина се од Скопје, а четири лица од Струмица.

Филипче упати апел до сите кои престојувале изминатиот период во Италија да се стават во самоизолација 14 дена од превентивни причини. Исто така апелираше до компаниите да не ги примаат на работа лицата кои изминатиот период престојувале во Италија, а училиштата учениците кои престојувале во таа земја, а тие пак да се стават во изолација во домашни услови

Здравствените уверуваат дека се преземемаат сите потребни мерки за заштита на населението. На јавноста и се обрати и премиерот на техничката влада Оливер Спасовски, кој истакна дека ситуацијата е под контрола и сите државни институции се подготвени да реагираат на новонастанатата ситуација.

Системите се подготвени да реагираат навремено, на што се работеше изминатиот период, и сите мерки кои треба да се преземат се во согласност на светските протоколи. Апелирам до граѓаните целосно да се придржуваат на препораките на Министерството за здравство, а кои ги добиваме од Светската здравствена организација. – рече премиерот Спасовски.

Институциите имаат и опрема и кадри да реагираат во секаква ситуација. Граѓаните навремено ќе бидат информирани за развојот на ситуацијата, но многу е важно сите да покажат свесност и да се однесуваат одговорно и да не се шират дезинформации преку социјалните мрежи, додаде Спасовски.

Тој истакна дека засега нема да има никакви ограничувања на движењето на луѓе и стока, но дека состојбата внимателно ќе се следи и ќе се прават соодветни проценки.

Заболени од корона вирус денеска  регистрирани се и во земјите од соседството.

Г.М.