Министерот за здравство Венко Филипче и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, денеска одржаа заедничка прес-конференција, на која информираа дека донесена е одлука на 9 септември да се отворат установите за згрижување и воспитување на деца – детски градинки/центри за ран детски развој.

 

Министерот Филипче го образложи Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца и потенцираше дека пред отворањето на установите потребно е да се направи дезинфекција на просторот и дворовите во градинките, целата опрема и инвентарот од страна на општините или центрите за јавно здравје, постапка која веќе е во тек и задолжително да се постават едукативни постери со препораки за превентивни активности на истакнати места.

Секоја установа треба да обезбеди доволна количина на лична заштитна опрема (маски и ракавици) за вработените, како и средства за одржување на општа и лична хигиена, средства за дезинфекција на вработените и просторот и задолжително треба да има бесконтактен термометар на влез на установата. Дезинфекција на просториите, подовите и предметите е задолжителна на секои два часа во текот на денот. Задолжително е проветрувањето на просториите во согласност со временските услови и не се користи вештачка вентилација. Престојот на децата треба да се организира на начин на кој ќе се избегне меѓусебен контакт на различни воспитни групи на деца (сместени во одделни простории) во согласност со можностите, а игрите се препорачува да се организираат што е можно повеќе на отворено и во мали групи. – изјави министерот Филипче.

Приемот на децата по воспитна група треба да биде со 10 минути временска разлика на влез, на кој задолжително е обележано растојание од 2 метри, а детето го спроведува еден родител кој секогаш носи заштитна маска. Во однос на дистрибуцијата на храната, задолжително треба да се врши секојдневна дезинфекција на превозните средства со кои се дистрибуира храна од главната кујна до другите објекти, а лицата кои доставуваат храна задолжително да носат заштитни маски и ракавици. Храната за децата да се остава пред занималната, а децата да јадат во својата занимална со претходно направена дезинфекција на масите и рацете.

На сите вработени при влегување во установа задолжително ќе им се мери температура. Доколку некој вработен има било какви симптоми на болест истиот треба веднаш да биде отстранет од работа. Не се дозволува собирање и меѓусебни контакти на вработените во заеднички простории. Вработените во установата имаат обврска да го следат сопственото здравје и состојбата на децата при прием и во текот на престојот на децата во установата и во целост да се придржуваат кон општите препораки за превенцијата на КОВИД-19, на работното место и вон него. –  информираше Филипче.

Во однос на приемот и престојот на децата во установата, тој појасни дека при прием, на секое дете му се мери температура со бесконтактен термометар, а детето по влез во градинката задолжително ги мие рацете, како и повеќе пати во текот на денот.

Растојанието помеѓу масите за седење на децата треба да биде од 1,5 – 2м, спиењето е организирано така што децата треба да бидат поставени на креветите според принципот „нозе – глава“ повторно на растојание од 1,5 – 2м, во единечни кревети и постелнина за секое дете, обележени со име на детето. За време на работа, вработените задолжително треба да носат заштитни маски. Воспитните групи за деца до 2 годишна возраст да имаат максимум по 6 деца и двајца вработени во смена. Воспитните групи за деца над 2 години да имаат максимум по 15 деца и двајца вработени во смена. Секој родител треба да достави лекарска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на своето дете. Установата да обезбеди потврда од родителот/ите дека работните задачи задолжително мора да ги извршува/ат на работното место, без можност за работа од дома. – истакна Филипче.

Во установата не смее да се користат играчки што не се перат и дезинфицираат. Играчките не се мешаат помеѓу групите и воспитувачите се задолжени за детална хигиена и одвојување на чисти и „валкани“ играчки. Воспитувачите и негувателките се грижат за задолжително миење на рацете на деца при прием и во тек на денот, особено после кивање, кашлање, плачење, пред и после консумирање храна и одење во тоалет и тоа под надзор.

Кога се менуваат пелени во помалите групи, строго се почитува постапката за одржување на хигиената на рацете пред и после менувањето и отстранување на пелени за воспитувачот и детето, како и дезинфекција на површините.

Протоколот предвидува засилени воспитни активности со деца, со цел да се олесни разбирањето и усвојувањето на новите правила за заштита од вирусите и создавање навики кај децата за лична хигиена. Воспитувачот ги контролира причините за отсуство на деца, контактира со родителите, а доколку е потребно и со матичниот педијатар или лекар од надлежниот центар за јавно здравје. –  додаде Филипче.

Во однос на здравствената состојба на децата, доколку родителот забележи појава на симптоми на болест кај детето, да не го носи детето во градинка и веднаш да се консултира со лекар. Родителите при првото и пред повторно да го вклучи детето во градинката доколку било болно, потребно е да достават лекарска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на детето.

Филипче го образложи и алгоритамот за постапување на градинките во случај на дете со симптоми, сомнително или позитивно на КОВИД-19, а со цел да се минимизира можноста за понатамошно ширење на вирусот. Најнапред, потребно е секоја градинка да има назначено одговорно лице, по можност медицинско лице, доколку има, за контакт со надлежниот центар за јавно здравје.

Доколку дете, за време на престој во градинка, развие покачена телесна температура веднаш се изолира во посебна просторија за изолација во градинката, каде за него се грижи негувателката од неговата група, а назначеното одговорно лице од градинката веднаш го известува и повикува родителот/старателот да дојде во градинката. Истото лице стапува во контакт и со епидемиолошката служба во надлежниот центар за јавно здравје и со матичниот доктор/педијатар на детето. Во координација меѓу епидемиологот од епидемиолошката служба на надлежниот ЦЈЗ, матичниот лекар/педијатар и родителот/старателот на детето се одлучува за понатамошната дијагноза/тестирање/третман на детето. Епидемиологот од надлежниот ЦЈЗ прави епидемиолошка проценка на ризик за можноста од проширување на инфекцијата во групата или целата градинка, со тоа што децата, учителката и негувателката од воспитната група во кое престојувало позитивното дете, како блиски контакти задолжително одат во домашна изолација со решение од ДСЗИ. За најдената состојба, појава на потврден случај на КОВИД-19 во градинката и преземените мерки го известува Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и ДСЗИ. Надлежниот епидемиолог организира спроведување на вонредна дезинфекција во градинката. – рече Филипче.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска истакна дека пиоритет за посетување на градинка ќе имаат децата на самохраните родители и децата на двајца родители кои се вработени и ќе донесат потврда од работодавачот дека работните задачи не може да ги извршуваат од дома.

Изминатиот период вработените во градинките ги контактираа родителите на децата, по што се утврди дека согласно Протоколот, градинките имаат капацитет да згрижат 19.000 деца, но интерес за згрижување пријавиле родители на 14.555, истакна Шахпаска.

Доколку градинките имаат повеќе слободни места, односно согласно критериумите од Протоколот можат да згрижат повеќе деца од приоритетните, во тој случај можат да прифатат други деца што се запишани во градинката. Согласно Протоколот, групите за деца до две годишна возраст треба да имаат најмногу шест деца, за кои ќе се грижат двајца вработени, додека групите од 3 до 10 годишна возраст треба да имаат најмногу 15 деца и двајца вработени. Од тие причини, односно поради намалениот капацитет на градинките, беше неопходно да се дефинираат овие приоритети. – рече Шахпаска.

Владата веќе им препорача на единиците на локална самоуправа кои се основачи на јавните установи за згрижување и воспитување на деца, да обезбедат или адаптираат дополнителен соодветен простор, доколку за тоа има потреба.

Истовремено на општините како основачи на градинките им препорачуваме да обезбедат потребен соодветен кадар за временскиот период до траењето на пандемијата КОВИД-19, доколку градинката има потреба за тоа, со цел да обезбеди непречено функционирање. Како Министерство за труд и социјална политика изминатиот период интензивно контактираме со сите градинки во државата. Уверени сме дека процесот ќе се одвива без проблем, децата ќе бидат згрижени на безбеден начин, а нивните родители ќе можат да се вратат на своите работни места. Сепак, сакам да апелирам до родителите дека капацитетот на градинките, поради посебните протоколи е значајно намален, поради што сите кои имаат можност да ги згрижат своите деца на друг начин, да не го зафаќаат местото во градинките на оние семејства, на кои тоа им е реално попотребно. -, потенцираше Шахпаска.

OhridNews