Направете се што треба за холандските туристи кои летово ќе го посетат Охрид да заминат задоволни. Нивното враќање во голем број на охридската ривиера значи голем чекор напред , но ако тие наидат на одредени пропусти или заминат незадоволни, и покрај нашите напори, тие повторно нема да дојдат, вели Амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Симоне Филипини.

Таа потенцира дека туристичките работници не смеат да размислуваат дека штом успеале да ги донесат повторно гостите во Охрид, со тоа завршила нивната обврска.

Туризмот е навистина специфична и комплексна дејност. Конкуренцијата на пазарот е голема и вие мора постојано да се докажувате со својот квалитет на понуда. Гостите треба да видат дека вие сте способни да креирате еден одржлив туризам, но не само ова сезона, туку понудата да се подобрува од година во година. Една од предностите овде е што цените се пониски од колку останатите земји во регионот, затоа задржете ги на ова ниво. Многу луѓе овде не разбираат колку е тешка конкуренцијата. Секогаш има бројни понуди дури и за истата цена на аранжманот да се летува во Турција или Грција во хотел со пет ѕвезди, но затоа умешноста е да го привлечете гостинот да престојува токму кај вас, вели Филипини.

Првиот чартер авион со 189 гости од Холандија во Охрид доаѓа на 6 мај. Оваа сезона во Охрид се очекува да престојуваат над 10. 000 гости од земјите на Бенелукс.

OhridNews