Филмот „Каде си Адаме“ за животот на монасите на Света Гора пред охридската публика ќе биде прикажан денес во Центарот за култура „Григор Прличев“. Авторот на филмот, укранскиот продуцент, ѓаконот Александар Плиска, го реализирал проектот со режисерот Александар Запорошченко.
Плиска, за време на неговиот десетгодишен престој во Светогорскиот манастир Дохијар дошол на идејата да сними филм за животот со монасите.
Тој на денешната прес конференција го изрази своето огромно задоволство што филмот се прикажува во Охрид, град за кој ќе рече наоѓале многу интересни материјали додека студирале богословија, за многуте храмови, потецирајќи дека кога зборува за Свети Наум Охридски и за другите, осеќа како по телото морници му минуваат.
Многу сум среќен што се наоѓам овде и многу ми е мило што можам да го претставам филмот, бидејќи јас сум продуцент на филмот кој зборува за сите односи меѓу луѓето, ги кине сите шаблони што луѓето ги создале, филм кој зборува за многуте работи кои се блиску на секого, филм за тоа што доживува секој човек, за љубовта, доживувањата, тагата, среќата… Многу интересни работи се случуваат за време на гледањето на филмот, луѓето всушност го гледаат животот на монасите. Воглавно на сцените се Грци, но гледачот после 20-30 минути не мисли ни за Грци ни за другите, ни за никого. Практично излегува дека луѓето по гледањето на филмот малку зборуваат за монашкиот живот, а размислуваат за својата перспектива и имаат свој поглед на животот, каде се наоѓам, каде живеам и какви се моите односи со околината, во прв ред со родителите, со сопругата, вели Плиска.
Режисерот Запорошченко, кога почнал со снимањето на филмот, сфатил дека монасите не одат по површината на водата или лебдат во воздухот. Тие се луѓе од крв и месо, водат испоснички и тивок монашки живот.
Главниот јунак во филмот е игуман на манастирот, ведриот и харизматичен старец Григориј, кој со долгогодишното монашко искуство има длабоко разбирање на човековата душа и нејзината желба да се врати во состојбата која е својствена на прачовекот Адам.
Игуманот Григориј, кој во меѓувреме починал, меѓу другото вели дека најголемата доблест што ја научил на Света Гора е доблеста на трпението.

Филмот ќе се емитува само во неколку градови, среќни сме што Охрид е меѓу нив. Картите за филмот се продадоа за само 2 до 3 денови. Имаше голема заинтересираноста и очигледно дека и на охриѓани и на граѓаните од други градови им недостасуваат вакви филмови од духовен карактер. Многу сме среќни за тоа и се надевам дека и понатаму ќе продолжиме да соработуваме и да бараме благослов да гледаме духовни филмови, истакна Филипова.
Филмот има учествувано на неколку филмски фестивали посветени на христијанската култура во Киев (добитник на Гран при), Торонто, Краков и Зајечар, Република Србија. Проекцијата на филмот е со почеток во 19:00 часот.
Н.С.Ј.













