Новиот македонски филм „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска во продукција на „Сестри и Брат Митевски“ кој е инспириран од злосторството кај Смилковско езеро крај Скопје, својата премиера ќе ја има на престижниот Берлински филмски фестивал, како дел од програмата Панорама.

Продуцентката Лабина Митевска од „Сестри и брат Митевски“ вели дека ова е најзрелиот филм на сестра ѝ Теона.

„Како продуцент горда сум што Македонија ќе има филм на Берлин што е голема чест за нашата кинематографија. Нема автор кој не посакува да биде дел од Кан, Берлин или Венеција. Таму конкурираат над 10.000 филмови, а само од регионот над стотина“, рече Митевска.

Берлиналето трае од 9 до 9 февруари, а македонскиот филм премиера ќе има на 14-ти февруари во „Зоо паласт“, салата каде што е свеченото отворање на фестивалот и во која има 780 седишта.

Покрај премиерата, филмот ќе има уште шест проекции. На премиерата ќе присуствуваат режисерката Теона Митевска, продуцентот Лабина Митевска, сценаристот Елма Татараѓиќ и шесте млади главни актери ­ натуршчици, кои се селектирани од над 400 кои се пријавиле за улогите. Во селекцијата Панорама ќе бидат прокажани 51 филм од 43 земји.

„Кога денот немаше име“ е работен во копродукција со со „Вертиго“ од Словенија и „Ентре шиен“ од Белгија и во Берлин ќе има вкупно седум проекции.

Филмот пред две години се снимаше во Македонија, а во него играат главно млади момчиња кои беа бирани на кастинг. На страната на филмот сега се открива дека се работи за случајот кога „денот пред Велигден во 2102 беа најдени застрелани четворица тинејџери кои беа на рибарање, крај езеро близу Скопје. Нацијата беше шокирана, во јавноста се ширеа шпекулации“, а авторката вели оти е ова филм за „земја каде што животот може одеднаш да прекине, како и што се живее“.

Филмот беше поддржан од Агенцијата за филм на РМ со 30 милиони денари (500.000 евра).

Копродуценти на филмот се продукциите од Словенија „Вертиго“ и „Ентре Шиен е Луп“ од Белгија, а доби поддршка и од престичниот европски фонд Еуримаж.

Покрај филмот на Теона Митевска, Агенцијата за филм на годинашното Берлинале ќе биде застапаена и со уште една малцинска копродукција ­ филмот „Реквием за Госпоѓа Ј“ од Бојан Вулетиќ, каде како копордуцент од македонската страна се јавува „Скопје филм студио“.

Ова е трето учество на Теона Струга Митевска на Берлиналето по „Како убив светец“, „Јас сум од Титов Велес“ и „Жената која ги избриша солзите“.

OhridNews
извор: „Макфакс“