Од 25.09.2021 (сабота), до 01.10.2021 (петок), со почеток во 20.00 часот, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“  во Струга, ќе се прикажува играниот филм „Моето Езеро“. Режисер и продуцент на филмот е Ѓерѓ Џувани. Еден од актерите во филмот е и стружанецот Аритон Положани.


Филмот ја раскажува приказната за бистриот и интелигентен тинејџер Кристо кој како ученик размислува за темата на есејот зададена од наставничката  „Моето езеро“. Кристо размислува за значењето на овие зборови додека пишува: „Езерото може да ви даде се`, само треба да знаете како да побарате.” Филмот ја обработува приказната за шверц на дрога од албанска кон македонска страна и пресвртот во животот на Кристо кој решава да направи промени и да стави крај на нелегалното пренесување  на марихуана кога се заљубува во неговата наставничка Миранда. Приказната ја доживува кулминацијата со борбата за превласт и одмазда меѓу дилерите испреплетена со преиспитувањата од Кристо за неговите животни одлуки. Приказната завршува како што започнува, Кристо го завршува својот училиштен есеј на тема „Што може езерото да им даде на оние што знаат како да побараат“.


Филмот е во продукција на On Film Production (АЛ) Ко-продукција Focus Pocus Films (MK), Added Value (КО), Corvus Film (ХР), Hermes Film (ИТ).
Влезниците за драмата „Моето езеро “ чинат 100 денари, а од Центар за култура „Браќа Миладиновци“ истакнуваат дека ќе бидат запазени сите актуелни мерки и протоколи за заштита од Ковид-19.

 

 

OhridNews